Речиси половина од младите во земјава биле жртви на сајбер-булинг

Само 14 отсто од испитаниците присуствувале на работилници наменети за безбедно користење на сајбер-просторот, додека останатите се изјасниле дека во нивните училишта не се одржуваат вакви работилници или дека не се информирани за тоа.

70,7 отсто од учениците сметаат дека свеста во општеството и нивната средина во врска со сајбер-насилството е ниска и просечна. Позитивен е фактот дека 72% од учениците се изјасниле дека би побарале помош побарале од стручна служба, класен раководител или од самите родители. Ова укажува дека сепак отворената комуникација меѓу родителите и децата, или пак помеѓу наставниците (класниот раководител) и децата е позитивен знак или клучно решение во справувањето со каков било вид на врсничко насилство, вели Маја Христовска, проектен експерт на „Тинк Тенк Аналитика“ како резултат на истражувањето „Сајбер-безбедност за младите: Зголемување на свеста и унапредување на знаењата на младите и наставниците за сајбер насилството“.

Анализата се темели на истражување спроведено во септември минатата година на репрезентативен примерок од 507 испитаници, ученици од три средни училишта на Град Скопје и две основни училишта од Општина Карпош. Истражувањето е поддржано од Амбасадата на Канада за Србија, Црна Гора и Македонија. Речиси половина од вкупниот број анкетирани ученици односно 46,5 отсто биле жртви на сајбер-булинг или биле сведоци на истото, а дури 70 отсто сметаат дека треба да се подигне свеста за овој проблем.

Тамара Спасова, извршен директор на „Аналитика“ наведува дека иако интернетот е извонредна алатка за комуникација и учење таа носи свои ризици и опасности, особено кога станува збор за сајбер-насилството.

– 84 отсто од студентите поминуваат повеќе од 3 до 4 часа онлајн секој ден, а значителен дел од тоа време го посветуваат на Фејсбук, Инстаграм, Тик-ток и Снепчет. Токму на овие платформи тие се најчесто изложени на сајбер-насилство и вознемирување. Затоа мора заедно да ја подигнеме свеста за сајбер-насилството и воведеме нови методи за справување со истото. Сепак драго ми е што учениците се свесни за проблемот и дури 70 отсто од нив сметаат сајбер-насилството не е проблем само на децата во училиштата. Тоа е проблем кој нè засега сите нас и има далекусежни негативни последици на општеството. Тоа не познава граници на пол, верска и етничка припадност. Ова се универзални предизвици што бараат наше колективно внимание и усогласена акција – потенцира Спасова.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири истакна дека преку програмата за стручно усовршување на наставниците, Министерството континуирано спроведува обуки за наставници и стручни соработници во училиштата.

– Дигиталната технологија и мобилните телефони покрај позитивните страни нè изложува и кон закани на приватноста и безбедноста. Најранливи се децата и младите. Преку програмата за стручно усовршување на наставниците ние имаме посебен модул за стравување со врсничкото и сајбер-насилство, преку обуки за стручните соработници. Со меѓународните организации организираме обуки за сајбер-насилниците и наставниците и со Министерството за информатичко општество и администрација во 43 училишта поставивме техничка опрема за ограничено користење интернет – рече министерот Шаќири.

Амбасадата на Канада  е неизмерно горда што е поврзана со овој проект, финансиран од „Канадски фонд за локални иницијативи“ затоа што овие анализи се темелот на изготвувањето мерки за намалување на  која ја носи сајбер-булингот, рече заменик шефот на мисијата на Амбасадата на Канада, Дејвид Морган.

– Не можеме да ги вратиме социјалните медиуми во нивните кутии но, можеме и мораме да се обидеме да ја ограничиме штетата која може да ја направат на достоинството, честа, умот, имагинацијата и психата на оние кои се под негово влијание. Имаме должност како родители, наставници, граѓани и законодавци да се обидеме да ја поправиме рамнотежата, да ги заштитиме и обезбедиме алатки на оние на кои инаку би можеле да им го нарушат животот од анонимни кукавици и предатори – истакна Морган.

Само 14 отсто од испитаниците присуствувале на работилници наменети за безбедно користење на сајбер-просторот, додека останатите се изјасниле дека во нивните училишта не се одржуваат вакви работилници или дека не се информирани за тоа. 62.2 отсто од нив сметаат дека е многу важно постоењето на неформални врснички клубови во нивните училишта преку кои ќе се врши едукација за сајбер безбедност со цел подобрување на училишната клима и справување со насилството.

На крајот на овој настан беше изведена мултимедијална театарска претстава за сајбер насилство во изведба на учениците кои беа дела од овој проект, преку која ги доловија реалните предизвици на оваа појава.

Сподели