Речи „благодарам“ или „заблагодари се“? Како да им помогнете на вашите деца да развијат благодарност!

Ние возрасните често пати знаеме од децата да скриеме работи што може да ги натераат повеќе да не почитуваат или да ни веруваат. затоа искористете го секој момент да ја споделите сопствената благодарност – бидете добар пример…

Пишува: Гоце Бумбароски, наставник во ООУ „Кочо Рацин“, Прилеп

Благодарноста е повеќе од тоа да кажеш „благодарам“ или да кажеш дека се чувствуваш благодарен. Се работи за тоа да потенцираме на кого или за што сме благодарни, и да се чувствуваме пријатно додека искажуваме благодарност.

Иако е вообичаено родителите да се фокусираат на тоа што децата треба да направат за да покажат благодарност со тоа што им речат на децата да кажат благодарам – (ајде речи БЛАГОДАРАМ), исто така е важно да ги научиме децата да доживеат благодарност преку забележување и размислување, и во тој процес, чувствувајќи се позитивно.

Родителите треба да ги охрабруваат своите деца да размислуваат за луѓето или работите од секојдневието што прават да се чувствуваат благодарни. Бидејќи на некои деца им е тешко да разберат зошто се благодарни, важно е и возрасните да ја споделат или моделираат сопствената благодарност. Гледајќи го ова може да им помогне на децата да разберат што навистина значи да се благодарни и да се чувствуваат добро за нивната благодарност.

Охрабрете ги децата да вежбаат за што треба да бидат благодарни. Можете накратко да им објасните што претставува чувството благодарност: а тоа е да цениме кога некој или нешто прави да се чувствуваме пријатно. Како и препознавање на изворите на благодарност како што се: „нешто или некој што ми го прави животот подобар“ или „нешто што уживам да го правам со другите луѓе“. Исто така важно е децата да создаваат ситуации во кои ќе предизвикаат благодарност од другите луѓе.

Вие како родител споделете со вашите деца за што сте благодарни и зошто. На пример, „Чувствувам благодарност кон дедото што седи во паркот затоа што тој секогаш ме расположува дури и кога сум тажен/на“ или „Благодарен/на сум за местото каде што живееме затоа што секој ден гледаме дрвја и дишиме чист воздух“ и сл. Па во тој контекст добро е доколку ги мотивирате вашите деца да напишат или нацртаат нешто што ја претставува личноста или нешто за кое се чувствуваат благодарни и со тоа ќе ги поттикнете да размислат зошто се благодарни на таа личност.

Охрабрете се често да размислувате за благодарноста. Може да биде забавно ако во кругот на семејството предолжите набројување на искажаната благодарност што се случила во текот на работната недела, со запишување на стикери на кои што ќе ги запишете луѓето и работите за кои сте благодарни. Или, можете да играте игра со поставување на едноставни прашања како што се: „Дали во последно време има некој на кој сте навистина благодарни? И зошто?“

Ние возрасните често пати знаеме од децата да скриеме работи што може да ги натераат повеќе да не почитуваат или да ни веруваат. затоа искористете го секој момент да ја споделите сопствената благодарност – бидете добар пример…

Фото: УНИЦЕФ

Сподели