Рецензија: Родени пациенти

Претставата „Пациенти“ на театарот „Провокација“, во режија на Ѓорѓи Ризески вечерва во 20 часот е на репертоар во Културно-информативниот центар во Скопје

Пишува: Трајче Кацаров

Ниту една лага, како што ниту една вистина не се раѓа без провокација. Никој не лаже затоа што сака, туку затоа што мора да излаже. Само испровоцираната вистина ѝ ги крати нозете на лагата. Што сè не може провокацијата. Што сè не може да направи испровоцираниот. Провокацијата е таа што на човекот му ги отвора и затвора очите. За оној што ќе се фати за мамката на лагата, не можеме да кажеме дека има отворени очи. Лагата е водич за слепци. Не малку примери има во животот кои ја потврдуваат тезата. Во услови на војна или полициски истраги, често се користат провокации со кои на брутален начин ја влечат вистината од испитаникот. Црквата е провокација за верниците. Политичките партии се провокација за хомо политикусот. Театарот е провокација за публиката. Не случајно група актери го именуваат својот театар „Провокација“.

Институционалните театари се провокација за никнувањето на независните театари. Може да се каже дека, во последно време, во нашава „Страдалница“ никнуваат како печурки после дожд. Бернард Шо, во своите автобиографски белешки признава – ако не биле независните театари никогаш неговите пиеси со теза немало да видат бело видело.

Ако институционалните театри сликовито ги претставиме како длабоки стреи во кои се кријат, односно, излежават сомови, независните театарски трупи, би ги претставиле како брзи води кои пленат со својата бистрина, свежина и содржина. Секој би сакал да застане покрај таквите води, за да вдишува, за да се насладува од животот што испраува од нивните длабочини. На таквите води не им требаат корита, огради од песок и бетон, за да, не дај Боже, се излијат од коритото, па поплават површини, кои секоја бистра вода, како и бистра солза, ги контаминира. Една таква вода, преставена преку независниот театар „Провокација“, поточно преку неговата најнова претстава „Пациенти“ протекува по нашата театарска територија и провоцира не мал број театарски адоранти.

Фарсичната комедија, како што би ја нарекол Бернард Шо, чија фабула е изградена со содржина извлечена од брачниот живот, се покажа како доволен материјал за режисерот Ѓорѓи Ризески, низ нагласени физички акција, со чујни и разбирливи говорни партитури, да го скрати патот што води од емоции до емоции. Емотивната реакција на публиката, низ насмевки и аплаузи, се јавува како сериозна потврда за фарсичната комедија и нејзиното опстојување во сите општествени прилики. Ризески уште еднаш потврдува дека е мајстор. Знае како од материјата до заплетот и понатаму, до разрешницата, патосот. Знае да го одмери темпото со кое драмските агли и стапици ја потенцираат нужната присутност во градењето на приказната.

Актерите набиени со енергија како пушки сачмарки, со ниту една реплика, со ниту една физичка акција, не ја промашија публиката. Со тоа покажаа своевидно мајсторство во монтирањето мост преку кој сценскиот живот се пренесува на страната каде светот грчевито се бори да се ослободи од сенките на природата.
Пациентите и тие се делат: на добри (послушни) и лоши (непослушни).

Пациентите на театар „Провокација“ се одлични (засекогаш).

Сподели