„As we danced we gave substance to shadows“ ќе го паметиме по силната енергија, будењето на аудиовизуелните сетила и нови лонгитудинални бранови кои ја исполнија камерната сала на Македонската филхармонија
Пишува: Емили Јањиќ-Дачевиќ
Македонската публика минатата недела имаше можност да проследи еден несекојдневен настан, насловен како „As we danced we gave substance to shadows“ на Ива Дамјановски кој ќе го паметиме по силната енергија, будењето на аудиовизуелните сетила и нови лонгитудинални бранови кои ја исполнија камерната сала на Македонската филхармонија. Со мошне необична и комплексна програма, се нижеа дела, би рекле, не толку стандардни за еден пијанистички рецитал во Македонија, кои нашата публика страствено ги впиваше.
Секој тон, секоја нова изведена боја изнудуваше изненадување, но и воодушевување од публиката присутна во салата. Сето ова, поткрепено со визуелниот аспект, кој на овој проект му даде нова тежина, калеидоскопски се наметна на програмата и воедно ја дополни. Идејата на авторот на кратките визуелни видеа Андреа Тангреди (Италија) беше да го согледа уникатното во секоја од композициите и работејќи со „neutral networks“ (модели на вештачка интелигенција) да ја прикаже неговата замисла за секое од овие девет дела, изнесувајќи го своето доживување. Секое од прикажаните видеа беше синхронизирано со соодветната композиција, а за нивната продукција, вештачката интелигенција употреби слики од вселената, како и слики од микроскопски организми, органели и молекули на органски соединенија. Тие го следеа хармонскиот и ритмичкиот тек на музиката истовремено материјализирајќи ги сенките на нашиот универзум, како танц на бои и контури, разоткривајќи го емоционалното јадро на секое од делата.
Иако во програмата акцентот не беше целосно ставен на композиторите, сепак според распоредот на делата можевме да увидиме дека фиктивно програмата беше поделена на два дела. Во првиот дел беа изведени дела од странски автори меѓу кои: Исак Албениц, Хенри Кауел, Сергеј Рахмањинов, Мередит Монк и Алфред Шнитке, додека вториот дел изобилуваше со дела од македонските композитори: Гоце Коларовски, Иван Петровски, Томислав Зографски и Маја Јовановска. Концертот започна со „La Vega“ од шпанскиот композитор Исак Албениц, кој инспириран од убавината на Алхамбра во Гранада, ја отсликува со две карактеристични теми: воведниот дел е заснован на андалузиската петенера и изразува замислена меланхолија. Средишниот дел пак е брануван и оптимистичен со примеси на хота, танц роден на северот од Шпанија. Низ својата изведба, Дамјановски суптилно ни ја прикажа целата рамнина на Гранада, замислена од Албениц. Следеше делото „Three Irish Legends“ од Хенри Кауел. На светската јавност Кауел ѝ е познат по неговата инвентивност, беспрекорна креативност (воедно е и музички пионер).
Главниот и највпечатлив елемент во целото дело се кластерите, кои бараат извонредна техничка подготовка и концентрација, неприродна положба на телото на изведувачот и претставуваат предизвик за секој солист. Дамјановски одлично се носеше со тежината на делото и до совршеност ја истакна секоја прекрасна, но на моменти застрашувачка бас линија. По Кауеловото патување, следеше Етидата оп.39 бр.7 од Сергеј Рахмањинов. Етидата почнува како бавен, фрагментиран посмртен марш, кој по монотониот и ритмичен средишен дел, се трансформира во какафоно ѕвонење (една од најомилените инспирации во текот на неговиот живот биле токму ѕвоната). Следеа премиерни изведби на две дела во Македонија: „Paris“ од Мередит Монк и „Hommage à Igor Stravinsky, Sergei Prokofiev and Dmitri Shostakovich“ од Алфред Шнитке, напишано во 1979 година во чест на трите композитори и премиерно изведено истата година во Москва. Во четвртокот, честа за првпат да го чујат токму ова дело во Македонија ја имаа присутните во салата. Триото составено од Ема Ананиевска, Анастасија Кочева и Ива Дамјановски сплотено и сигурно музицираше изведувајќи го несекојдневното дело за шестрачно пијано.
Вториот дел од програмата беше посветен на дел од постарата генерација македонски композитори, но и на млади и надежни македонски композитори. Овој дел беше отворен со „Танцот на усмртувачот“, дело на младиот композитор Иван Петровски. Следеше композицијата „Сцени“ од значајниот македонски композитор Гоце Коларовски, дело за пијано напишано во 1987 година кое до денес претставува печат на овој композитор и на неколку наврати е изведено низ неколку концертни сали во државата и надвор од неа. Претпоследното дело од програмата „Импровизација во Цис“ нè наврати на значајниот член од третата генерација повоени македонски композитори, Томислав Зографски – композитор со исклучителен музички опус, одличен педагог и човек со сопствен креативен профил.
Премиерната изведба на првото дело од македонски композитор за пијано и теремин, „As we danced we gave substance to shadows“ на композиторката Маја Јовановска несомнено, како што и многумина очекуваа, го донесе пикот на емоциите кај публиката. Ива Дамјановски, нашата Клара Рокмор, го имаше своето тереминско деби вечерта. Голема е честа, но и притисокот премиерно да се изведе едно дело од домашен композитор, а уште кога го изведувате на инструмент кој не ви е матичен и за прв пат зачекорувате во потполно други води, притисокот и очекувањата постепено се зголемуваат, а резултатот од ова беа катарзични насмевки и овации од публиката.
Ива Дамјановски, пијанист и автор на овој проект, а воедно и поетеса, успешно постави еден нов пристап во конзумирањето на класичната музика кај нас. Аудиовизуелниот пристап е добар чекор кон актуелизирањето на овој комплементарен процес, кој допрва ќе почне да заживува кај нас.
Фото: Маја Аргакијева