Разликите да бидат инспирација, наместо причина за нетолеранција

„Како да изградиме доверба помеѓу различните националности“? „Знаеме ли доволно за себе и за другите“? „Постои ли опасност од нови конфликти заради непознавање на минатото“? Овие и многу други прашања беа дел од втората работилница на проектот „Младите за соживот и мултиетничка толеранција – ЗАЕДНО“ , имплементиран од Здружението за истражување на пазарот на труд во функција на мултиетничката толеранција „Проофицио“ од Скопје. Проектот се реализира во соработка со здружението за регионална соработка „22 Нентори“ од Битола и Кластер за туризам од Крива Паланка, а со финансиска поддршка од Европската Унија.

50 учесници, пред сè, млади луѓе на возраст од 15 до 25 години, се едуцираа, дебатираа и предлагаа форми на делување за креирање општество во кое разликите ќе бидат инспирација, наместо причина за нетолеранција, конфликти и деструктивност. За време на оваа работилница, беше истакнато дека и покрај различните традиции и обичаи, сите националности во основа на своите верувања се залагаат за промоција на позитивните човекови вредности, мир, соживот, толеранција, љубов и разбирање.

На работилницата посебно беше истакнато дека, мултикултурализмот бара вклучување на ставовите и придонесите на различните членови на општеството, притоа задржувајќи ја почитта кон нивните разлики. Младите се запознаа и со поимот културно наследство, кој се дефинира како материјални и нематеријални добра, како израз или сведоштво на човековото творештво во минатото и сегашноста или како заеднички дела на човекот и природата, поради своите археолошки, етнолошки, историски, уметнички, архитектонски, урбанистички, амбиентални, технички, социолошки и други научни или културни вредности, својства, содржини или функции, имаат културно и историско значење.

Темата предизвика посебен интерес кај младите луѓе кои преку својата ангажираност, покажаа дека се подготвени за партиципативност во современото општество со надминување на сите стереотипи и предрасуди и креирање на заедница во која вредностите и творештвата ќе ги заменат конфликтите и недоразбирањата.

Проектот „Младите за соживот и мултиетничка толеранција – ЗАЕДНО“ е поддржан од проектот „Поддршка од ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, којшто го финансира Европската Унија, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, а го спроведува УНДП.

Сподели