Вториот циклус од кампањата „Читаме современи македонски автори“ на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје, ќе започне вечерва во 19 часот во Паркот на поезијата (дворот на библиотеката), со средба со авторката Николина Андова Шопова. Нејзиниот роман „Естом“, во издание на „Или-Или“, е прогласен за роман на месецот септември на библиотекaта. Разговорот вечерва ќе го води Александра Јуруковска, а извадоци ќе чита актерот Андреј Серафимовски. На крајот на месецот предвиден е и Клубот на читателите за овој роман.
Романот „Естом“ (2022) е книга во која Николина Андова Шопова продолжува да истражува некои од темите кои се карактеристични за нејзиното творештво: необичните човекови судбини, судбините на чудаци кои се разликуваат од околината во која живеат, верувањето во ирационалното и неискажливото како важен елемент на човековиот живот, чувството дека човековиот живот се состои од мигови кои не можат целосно и до крај да се објаснат, пишува критичарот Владимир Јанковски.
– Таков „чудак“ кој живее според сопствени правила е и главниот лик во романот „Естом“ – пантомимичарот Олег. Врвен во она што го прави, целосно посветен на својата уметност и умешност, Олег наликува на оние уметници кај кои нивниот уметнички сензибилитет целосно се поклопува со нивниот живот и судбина. Живеејќи според поетиката на отсуството, на невидливото, на силината на световите што самиот ги создава, а се помоќни од каква било „реалност“, тој успева својот живот целосно да го поистовети со својата уметност“ – стои во поговорот на книгата.
Николина Андова Шопова е авторка на две поетски збирки „Влезот е од другата страна“ (2013) и „Поврзи ги точките“ (2014). Нејзината прва збирка поезија „Влезот е од другата страна“ ја доби престижната награда „Мостови на Струга“, награда што ја доделува УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата. Учесник е на бројни европски поетски фестивали, а нејзината поезија е преведена на повеќе странски јазици и е дел од неколку поетски антологии. Во 2019 година ја доби наградата „Роман на годината“ за нејзиниот прв роман „Некој бил тука“, награда што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“. Издавачката куќа Или-Или во 2020 година ја издаде нејзината книга за деца „Кртот Ѕвездан“, а две години подоцна, во 2022 година излезе и „Естом“.
И вториот циклус од „Читаме современи македонски автори“ ќе се одвива низ неколку фази: книга на месецот, разговор со авторот и клубот на читатели. Низ овие активности читателите одблизу се запознаваат со современите македонски писатели и нивните дела. За поголема видливост и промоција – кампањата има и интегрален дел на социјалните мрежи, со препознатлив визуелен идентитет. Првите осум месеци од „Читаме современи македонски автори“ поминаа одлично. Можеме да се пофалиме со полни сали, задоволни читатели, задоволни автори, па дури и листа на чекање за одредени книги во сите наши објекти. Кампањата влијаеше и на генералниот интерес за книгите од македонски писатели, велат од библиотеката.
„Читаме современи македонски автори“ е поддршка на македонските автори и нивните книги, на македонските издавачи, но и силна поддршка и промоција на македонскиот јазик. Кампањата е поддржана од Град Скопје и програмата „Скопје – кандидат за европска престолнина на културата 2028“.
Новиот циклус ќе трае до мај 2024 година, а ќе бидат претставени седум наслови на исто толку автори.