Книгите „За младоста“ на норвешката авторка Лин Скобер и „Пушти ме“ на Катрине Недрејурд, ќе бидат промовирани низ разговор со нивната преведувачка на македонски јазик, Искра Бадева, утревечер во 19 часот во галеријата „Чудна шума“. Ќе се читаат и извадоци од двете дела, а разговорот ќе го води новинарката Сребра Ѓорѓијевска.
Искра Бадева е родена во 1980 година во Скопје. Додипломски студии по скандинавистика завршува на Софискиот универзитет во Бугарија, во 2007 година. Извесен период работи како уредник и преведувач во издавачката куќа „Табернакул“. Преведува од англиски, норвешки, шведски, дански и од фински јазик и досега има изработено педесетина преводи на актуелни скандинавски автори, меѓу кои се: Ерленд Лу, Сара Омар, Пер Петешон, Мерта Тиканен, Марија Пар, Туве Јансон, Јо Несбе, Маури Кунас, Лиса Аисато, Геир Гуликсен, Катри Липсон, Томас Енгер, Ида Хојер, Рој Јакобсен и други, како и избор драми од Хенрик Ибзен. Преку своите преводи се надева дека ќе ја разбуди љубопитноста на македонските читатели кон историјата, секојдневието и начинот на размислување на северните народи.
За својата преведувачка работа ја добива наградата „Златно перо“ за 2011 година, што ја доделува Здружението на литературни преведувачи на Македонија.
„За младоста“ на Лин Скобер, со илустрации на Лиса Аисато, е една од најпреведуваните норвешки книги за млади. Лин Скобер разговарала и се дружела со младите луѓе и ги запишувала нивните размислувања за животот, созревањето, чувствата, копнежите. Собраните материјали ги преточила во мали текстови за големи теми – од перспектива на младите. Нивните приказни се читливи и забавни, но истовремено изненадуваат бидејќи младите раскажувачи зрело и храбро се соочуваат со семејните и врсничките проблеми, обидувајќи се да преживеат во модерното општество во кое недостигаат топлината и сигурноста.
„Пушти ме“, наградуваниот роман за млади на норвешката писателка Катрине Недрејурд е роман за пријателството, за препознавањето на токсичното пријателство, за нееднаквоста и за припаѓањето. Ана е половина Сами и половина Турчинка и има проблем да се приспособи на средината. Ана и Аманда отсекогаш биле најдобри другарки. Аманда е таа што одлучувала за сѐ, а Ана ја следела во чекор. Но, во мигот кога Ана без помош од Аманда ќе се обиде да сфати која е навистина, Аманда ѝ застанува на патот. И прави сѐ што може за да ја спречи да оди понатаму.
Промоцијата е дел од проектот „Млади европски приказни“ и е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, а во соработка со порталот Умно.мк





