Знам дека никој не ги сака маските, но сметам дека во оваа фаза не треба да се тргнат од училница, објаснува епидемиологот Сашко Олумчев од Гевгелија

Да се одложи започнувањето на второто полугодие за две недели, додека не заврши пикот на овој бран. Амбулантите се веќе оптоварени, а и детската популација е погодена во овој бран. Тоа е неопходно да се направи, а потоа ќе видиме каква ќе биде ситуацијата, вели епидемиологот д-р Сашко Олумчев од Гевгелија.

Второто полугодите треба да почне на 20 јануари. Засега нема најави дали распустот ќе биде продолжен поради високите бројки на заразени со ковид-19. Повеќето епидемиолози го делат ставот на Олумчев, но има и доктори што сметаат дека сојот омикрон не е опасен за децата. Во меѓувреме, претставници на движењето „Поддршка за онлајн настава“ од Владата побараа наставниот процес во второто полугодие да почне онлајн.

Олумчев е свесен дека најдобро е децата да се вратат во училишните клупи во живо, но исправени сме пред хаотична ситуација во која навистина не треба да се експериментира со децата, вели тој.

– Знам дека никој не ги сака маските, но сметам дека во оваа фаза не треба да се тргнат од училница. Во моментов имаме и делта и омикрон соеви, има и грип и други вирози, а сигурно отворањето на прозорците не е решение. Се соочуваме и со недостиг од кадар, име проблеми буквално на секое поле и мора системски да го гледаме и решаваме проблемот – вели Олумчев.

Според него, на терен сликата не е баш едноставна и овој бран не треба да се смета за лесна настинка.

– Се прават многу брзи тестови, добар дел од нив не даваат точни податоци, зашто и најчесто не се земаат правилно или во соодветен момент. Тешко дека ситуацијава ќе се смири целосно за две недели – вели Олумчев.

Д-р Сашко Олумчев

Според него, иако многумина не ги сакаат маските, тие се каква-таква заштита во големите одделенија, а тоа е случај речиси во секое училиште.

– Знам дека некои колеги сметаат дека треба да се тргнат маските во училница, ама во моментов мислам дека ние немаме услови за тоа. Одделенија со по 30 ученици, во услови кога не можеме да држиме отворени прозорци цело време, маската ни е колку-толку некаква заштита. Од претходното искуство, кога ќе се појавеше дете со симптоми, јас го праќав цело одделение во изолација и така спречував да се шири вирусот, затоа што на толку многу ученици, која е веројатноста да не се заразат повеќето од децата, а не само тие што седат веднаш до заразеното дете – објаснува Олумчев.

Деновиве се очекува Комисијата за заразни болести да донесе одлука за нови рестрикции, а се размислува и ова прашање – за продолжување на распустот за две недели. Микробиологот Никола Пановски деновиве повика да се тргнат сертификатите и доколку децата тргнат со физичко присуство да не носат маски. И епидемиологот Драган Даниловски изјави дека депласирано е да се носат маски во затворен простор и во училиштата.

Претставници на движењето „Поддршка за онлајн настава“ од Владата побараа наставниот процес во второто полугодие да почне онлајн, поради зголемениот број на заразени.

– Ние не сме способни да имаме комбинирана, не сме способни да имаме ниту настава со физичко присуство, затоа што децата во една училница со 30-40 метри квадратни го пренесуваат вирусот многу брзо. Шансата за заразување е многу голема. Ги фрламе во оган не само децата, туку и нивните родители, бабите, дедовците, цели семејства – изјави Ана Глигорова, претставник на движењето „Поддршка за онлајн настава”.

Според д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија, „за децата омикрон е обична вироза, какви што има секоја зима“.

– Местото на децата е во училишните клупи, а на неработниците вон образованието. Единствено може почетокот да се одложи до понеделник, 24 јануари – смета Беќаровски.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.