Распродадена „Трубадур“ на Иван Поповски за отворањето на Мајските оперски вечери, реприза – на 11 мај

Премиерата на операта „Трубадур “ од Верди, со која на 9. мај во Националната опера и балет (НОБ) ќе се отворат 52. Мајски оперски вечери е веќе распродадена, објави денеска генералниот директор Васко Ристов. Се уште има влезници за репризата на 11 мај, нагласи тој.

„Трубадур“ е во режија на Иван Поповски е опишана како „симфонија на љубовта, одмаздата и судбината“. Сценографијата е на Миодраг Табачки, костимите на Марија Пупучевска, а кореографијата – на Саша Евтимова. Ќе диригира Енрико Довико (Италија). Во улога на Ацучена ќе настапи Сања Анастасиа (Србија), а на Манрико – Зоран Сотиров.

Ова е прва соработка на Операта со Поповски, кој е врвен режисер и во последните повеќе од две децении има големи успеси во Русија и низ светот. Ова е негова 11-та опера.
Она што Поповски го инспирира тематски е борбата меѓу највозвишеното и најпримитивното.

– Операта е врв на сценската уметност, а музиката во ова Вердиево дело е генијална и космичка. Театарот пробува да објасни, приближи, да материјализира и да спушти на земја, а музиката лета и е неопиплива. И тоа е судир, тежок спој во кој операта е во опасност да умре уште пред да се роди. Многу ретко се случува двајцата лидери – диригентот и режисерот, да се спојат во хармонија. Во последната деценија главен е режисерот кој не обраќа големо внимание на музиката и тоа е на штета на музиката која во ова дело на Верди – изјави Поповски.

Последен проект што Поповски го работел во Македонија е „Мајсторот и Маргарита“ од Булгаков, на сцената на Македонскиот народен театар во 2015 година. Две години подоцна во Скопје гостуваше со три претстави од театарот на Петар Фоменко, каде што тој ги создаде своите најдобри продукции.

Сценографот Миодраг Табачки ја пофали Операта дека направила се што може сценографијата да биде на ниво за овој фестивал. Табачки ја создаде и сценографијата за „Заспаната убавица“, што ќе биде на програмата на 15 мај.

Мајските оперски вечери традиционално завршуваат на 31 мај со изведба на „Аида“, овојпат со солистка од Австрија – Моника Медек и диригентот Нимрод Дејвид Фефер од Израел – диригент во престижната „Метрополитен“ во Њујорк.

Куриозитет годинава е гостувањето на Софиската опера и балет со операта „Валкира“ од Рихард Вагнер, закажана за 18 мај. Ќе следуваат: „Тоска“ од Пучини (23 мај) со Весна Ѓиновска-Илкова во насловната улога, камерната опера „Свадба“ (28 мај) со Словенечки камерен музички театар од Љубљана.

Во рамките на 52. Мајски оперски вечери, во фоајето на Националната опера и балет, од 9 до 31 мај ќе биде поставена изложбата „Оперска одисеја“ – наследството на Милка Ефтимова.

Фотографии: Национална опера и балет

Сподели