„Раскажи ми приказна без зборови“ – започнува 13. „Битолино“

Со гостување на шпанскиот театар Antzoki Teatteri, вечерва во 20.30 часот на сцената на Центарот за култура во Битола ќе биде отворено 13. издание на Меѓународниот фестивал за театар за деца „Битолино“. Гостите од Шпанија ќе ја изведат „Огномет – Искри на животот“ во режија на Тони Касла.
Фестивалот годинава се одржува под мотото „Раскажи ми приказна без зборови“. Фестивалот го организира „Бабец театар“, а го помогнаа Министерството за култура и Општината Битола.

„Бабец театар“, и покрај сите кризи кои го зафатија општеството продолжи да создава театарски претстави, претстави кои ќе допрат до секое дете и претстави кои ќе отворат нови полиња за размислување кај децата. Горди сме што создадовме една генерација на млади луѓе кои токму поради нас го засакаа театарот, велат од „Бабец“.
-Оваа година пријавени се повеќе од 50 волонтери кои во своето мотивационо писмо навеле дека нивното детство било и е исполнето со претстави и настани на „Бабец театар“ и ИДТФ „Битолино“. Брендот „Бабец театар“ кој цели 14 години успеа да опстане како професионален детски театар со 22 премиери и над 65.000 посетители и ИДТФ „Битолино“ на кој публиката (16.760) имаше можност да погледне 84 претстави од 48 театри кои во Битола допатуваа од 30 различни земји од 4 континенти, веќе се запишаа со златни букви во историјата на македонскиот театар и ќе направиме се оваа приказна да продолжи со нови проекти и радосни мигови за децата – вели Васко Мавровски, основач на фестивалот.

„Бабец театар“ како дел од Македонскиот национален центар АСИТЕЖ на ова издание на ИДТФ „Битолино“ ја започнува својата мисија за создавање на услови за брз и квалитетен развој на театарот за деца преку одржување на неколку состаноци и дебати со театарските работници.
На вториот фестивалски ден ќе настапат гостите од „Тheatre Stories“од Литванија со претставата „Стапица“. Третиот фестивалски ден ќе биде посветен на организаторот „Бабец театар“, кој по повод 14. роденден на децата во Битола ќе ја подари својата најнова премиера „На гости кај Кате и Фреда“ во режија на Јован Ристовски.
Наредните денови се резервирани за претставите: „Големото езеро“ во продукција на театарот „Imaginar do Gigante“ од Португалија, претставата од Германија во продукција на Театар Кунстдингер со наслов „Подла патека“. Последниот фестивалски ден ќе започне со претставата „2- квадратни метри“ во продукција на „Гоби денс компани“од Унгарија, а втората претстава за овој ден е проектот на „Одиво“ театарот од Словачка со наслов „Воздух“.

Оваа година за време на Фестивалот ќе се одржува и театарската работилница со наслов „Приказна во движење“ под раководство на пантомимичарот и режисер за пантомима Војо Цветановски, со што „Битолино“ ја продолжува традицијата секое издание на фестивалот да има своја работилница со која преку театар и преку говорот на телото, без употреба на зборови, ќе ги доближат децата до процесот на создавање на еден лик и на една театарска претстава за деца воопшто. На 13то издание на ИДТФ „Битолино“ ќе биде доделена наградата Гран При за најдобра претстава во целина. За наградата ќе одлучуваат тројца врвни уметници од интернационалното жири во состав: претседател на жири комисијата Милан Пајиќ (Србија), актер и членовите на жири комисијата: Драгана Милошевски Попова, театарски режисер и Благојче Божиновски, театарски режисер.

.ИДТФ „Битолино“ финансиски е поддржан од официјалниот партнер Комерцијална банка АД Скопје, а потпомогнат од Туристичката агенција Орбита и од Битола. За успешна реализација на фестивалот со своите капацитети ќе помогнат НУ Центар за култура Битола и НУ Народен театар Битола. Логистичката поддршка за фестивалот е од Македонскиот национален центар на детски театри АСИТЕЖ, Светската асоцијација за детски театри АССИТЕЖ и Асоцијацијата за детски театри од средна и југоисточна Европа ТЕАТАР ЕПИЦЕНТАР.

Сподели