Расказ од книгата „Начин на љубење“ на Валтер Уго Мае

ЛОШИОТ ВОЛК

Превод од португалски: Наташа Сарџоска

Волците го надушија девојчето како да беше крвава трага што се движи низ шумата. Свежите колачи замотани во везена ленена крпа ја топлеа додека си врвеше право по својата патека, без да скршне, бидејќи беше предупредена за опасностите и за нужноста секогаш умно да го следи сонцето. Во себе носеше детски немир и возбуда што ќе ја види насмевката на баба си, која ја чекаше во својата мала куќарка на средината од полето покрај езерото. Ако стигнеше порано, ќе можеше малку да поплива, меѓу шарените риби за кои легендата велеше дека некогаш биле цвеќиња на брегот што самата вода ги научила да пливаат. Покрај прозорецот на баба ѝ, каде што таа обично легнуваше попладне за да се одмори, убаво се гледаше езерото. Поради тоа старицата често велеше дека собира ѕвезди. Распослани низ водата, непрекинато блескаа и ноќе и дење, можеби беа растреперени од цвеќињата или пак од желбата да полетаат. Таму често пливаше девојчето, колебајќи се дали и таа има душа на цвет или на риба. Толку беше чиста што и таа, исто така, блескаше.

Чекорејќи, кусите детски нозе брзаа по патеката. Тоа беа мали чекори, но како да беа чекори на шумски џин. Си ја вршеа работата како бавно, а сепак многу способно возило. Постојано си мислеше на тоа дека баба ѝ ќе биде среќна, дека ќе си ги поделат колачињата и ќе си раскажуваат приказни и ќе се очудуваат цело време.
Ќе си измислуваат приказни и ќе ги ококоруваат очите како да гледаат чуда. Поради тоа се опушти и се заборави во брзањето зашто беше нестрплива. Можеби поради тоа што беше малку расеана, иако внимаваше на патот и на насоката што требаше да ја следи, девојчето не го забележа волкот што се движеше наоколу. Стрчеше со муцката меѓу растенијата, лукаво душкаше, крадешкум чекајќи, демнејќи. Волците мислеа на ужасни работи. Таа само ги гледаше дрвјата и сноповите светлина што се провираа меѓу затворените крошни. Ѝ се чинеше како шумата да станува волшебна кутија во која со секое ново отворање се појавуваа суштества од друг свет. Суштества што се мешаа речиси чекорејќи заедно со неа. Таа го чувствуваше тоа, чувствуваше како со неа да има некој што ја преминува шумата како сведок на нејзината бескрајна фантазија. Дури и баба ѝ, која беше толку вистинита и реална во великодушната прегратка, ѝ изгледаше како конечно совршена фантазија. Се разбира дека мораше да побрза. Сите луѓе брзаат кога одат во пресрет на совршенството. Тоа е како одење на средба со среќата. Но волците надоаѓаа. Пристигнуваа постојано сѐ повеќе волци, молчешкум на кривините, крадешкум на местата за бегство. Како меѓу себе да имаа таен договор, посветено разговарајќи околу најдобрата стратегија како да го фатат детето.

А кога волците се собраа во голем број, вознемирени, веднаш се замелушија. Се довикуваа некако еден со друг, беа немирни во исчекување на наредби, сакаа да го дознаат и уважат оној што им го открил толку убавиот плен. Сакаа да одат напред, но веднаш потоа ќе размислеа подобро, па запираа и чекаа. Некои од нив се разлутуваа, а оние поискусните беа потковани со поголемо трпение. Во таа збрка, една волчица го донесе и своето чедо кое си играше со своите шепи, се препнуваше и бркаше пеперутки. Мајка му го тераше да молчи, но тоа не знаеше кои гестови беа тивки, а кои беа бучни. Целиот живот беше изненадување. Волчето умееше само да си игра.

Илустрација: Белкис Аксу Челеби

Отаде теснецот меѓу карпите, среде високите карпи што создаваа тенка порта од другата страна на шумата, каде што се нижеа нови полиња и почнуваа да се појавуваат неколку куќарки, волците се качија на брдото за да ја следат. Ќе треба да нападнат веднаш потоа, таму некаде пред селските куќи, за да избегнат некој ловец да дотрча на повикот за помош на убавиот плен. Нервозните животни трчаа и се качуваа или слегуваа, се распрскуваа, други доаѓаа поблизу, речиси на работ, некои дури за малку и ќе паднеа врз кутрото девојче. На врвот од карпестиот предел застана волчицата со своето трапаво волче кое токму во моментот кога девојчето поминуваше низ карпестиот теснец падна наземи, тркалајќи се исплашено. Остана така полуужалено и можеше да ги движи само очињата. Малечкото волче кое беше тукушто родено не знаеше ништо за големината на растојанијата или за длабочината на падот. Кога ги гледаше врапчињата, волчето си мислеше дека со само еден чекор благо ќе стигне до тлото или дека можеби од неговите плешки ќе изникнат крилја за да досегне до некое убаво облаче. Девојчето преплашено го виде малечкото животно и веднаш се наведна кон него. Во истиот миг сите волци го запреа здивот и се растажија. Девојчето ги знаеше многу добро големината на растојанијата и длабочината на падовите. Без да се колеба, ја тргна ленената крпа од кошницата, ја отвори кај најгустите тревки и ги извади колачите. Потоа со нежните дланки го зеде волчето, го легна внатре и го покри. Го смести во кошницата и цврсто држејќи ја до градите, почна да трча. Останаа колачите да лежат расфрлани на земјата, сѐ дури не дојдоа рој мравки да ги грицкаат. Мајката волчица, трчајќи колку и девојчето, слегуваше по удолницата и сите волци загрижени за неа ја достасаа во трк.

Девојчето беше како трага света крв што трчаше низ шумата. И трчаше најбргу и најдобро што умееше, носејќи ја со себе кошницата. Не можеше да ги задржи солзите. Сфати дека ќе мора да стори сѐ за да го излекува малото волче, дека тоа ќе биде единствениот лек за нејзината тага, за нејзините солзи. Кошницата беше како скапоцено азно пред нејзините гради и како да пловеше напред пред неа. Така конечно стигна во убавата куќарка на бабата.

Волците беа многу вознемирени и клекнаа наземи пред прозорците на старата госпоѓа. Беа собрани сите и се протегаа дури до езерото зашто беа многубројни. Наеднаш бабата и девојчето токму од отворените прозорци ги здогледаа сите. Волците беа стивнати, спуштени на шепите, како што правеа плашливите и покорни кучиња. Девојчето, верувајќи во снаодливоста на баба си, излезе под сјајното попладневно сонце и иако се сомневаше дека животните ќе може јасно да ја разберат, рече: баба ми ќе го излекува вашето волче, не тагувајте. Мојата баба прави чуда со секое свое движење. И тогаш девојчето им се насмевна.

„Начин на љубење“ е издание на „Артконект“ 2021

Сподели