Животот на 24-годишната Андријана Серафимовска, ведра, непосредна и позитивна девојка не бил секогаш розов. На 12 години ѝ била дијагностициран остеосарком, вид канцер на коски

Во болничките соби ми се роди амбицијата и страста да бидам успешна, амбиции кои денес на моменти ме плашат колку се големи, истовремено ме возбудуваат. За жал, искуството со ракот те следи цел живот, не завршува кога ќе заврши физичкиот третман. Со текот на годините сфатив дека моите различности не се бариера, туку се моја предност, мој извор на инспирација да го променам светот на подобро, ми дозволува емотивно да се поврзам со луѓето и да ја разберам нивната животна приказна, вели 24-годишната Андријана Серафимовска од Скопје, една од студентките на Академијата за дигитален маркетинг наменета за жени и девојки од ранливи категории, што ја организираат Сеавус Едукативен и развоен центар во соработка со IMPACT Foundation, поддржана од програмата RECONOMY. Ова, пак, е нејзината инспиративна приказна.

На врачувањето на наградата „13 Ноември“

Андријана дипломирала финансиски менаџмент на Економскиот факултет во Скопје. Таа веќе четири години е активен член на Здружението на граѓани САНО и имала желба да се обучи во сферата на дигиталниот маркетинг.
– Лани дознав за Академијата и се пријавив, а по некое време дознав дека ме примиле. За оваа шанса сум вечно благодарна – вели таа.

Цврстите темели на нашето мало семејство

Животот на оваа ведра, непосредна и хумана девојка не бил секогаш розов. На 12 години ѝ била дијагностициран остеосарком, вид канцер на коски. Третманот траел една година и се состоел од хемотерапии и операција.

– Ова беше навистина тежок период за мене и за моето семејство, но и период кој најмногу нè зближи и покажа колку се цврсти темелите на нашето мало семејство. Бидејќи се работи за болест која го засега целото семејство, заедно успеавме да се избориме. Со оглед на тоа дека бев во години кога веќе разбирав сè, болеста ме присили да го стопирам мојот живот, секојдневно да се преиспитувам, од темел да го променам и повторно да го изградам мојот живот и секојдневие. Знаејќи колку можам да изгубам за еден миг, научив дека животот треба да го живеам со полни гради, да ги искористам сите можности и да се изградам себеси во девојката, жената која сакам да бидам. Научив да го пребродувам стравот или барем да живеам со него и да не дозволам да ме спречува во исполнување на моите желби – раскажува Андријана.

Кога ја победила болеста и премрежјето го оставила зад себе, се запишала во средното училиште „Васил Антевски-Дрен“, на струката економски техничар. Економскиот факултет бил логичен избор. Вели дека бројките отсекогаш ја импресионирале, како и финансиите и јазиците.

– Затоа и моето досегашно образование беше поврзано со финансии и менаџмент. Никогаш не помислив дека еден ден ќе посакам да ја развивам мојата креативна страна. Но, по природа сум љубопитна личност која сака промени и да учи нови вештини. Стравот и возбудата од непознатото ме одржуваат надвор од мојата комфор-зона. Обуката за дигитален маркетинг е одличен спој на креативност и анализи, спој кој перфектно го комплементира мојот карактер – вели таа.

Андријана е дел од Здружението САНО од самото формирање. Визија на Здружението е да им помогне, на децата и возраните да имаат подобар заеднички раст и развој, oсобено на пациентите, децата заболени од рак, лицата во ризик, здравите деца, младите и лицата од трета доба. Андријана вели дека во САНО развила вештини за кои никогаш не претпоставувала дека е способна. Научила многу нови работи.
– Период исполнет со многу среќа, љубов, тага, смеа, солзи, доживотни пријателства. Што и да се случи, никогаш не би сакала да го променам бидејќи ми е еден од најубавите во мојот живот. Започнав со директно волонтирање на Клиниката за детски болести, на хемато-онколошкото одделение, каде што секојдневно се дружев со дечињата, разговаравме, игравме игри, боевме, цртавме, пеевме и читавме приказни за добра ноќ. Денес, едно од најубавите чувства ми е кога некое од тие деца, сега излекувано, сè уште ме памти и ќе ми честита роденден или пак ќе ми испрати некое Тик-ток видео или слика – раскажува Андријана.

Во Здружението таа работи и како проект-координатор и комукациски координатор. Како дел од обврските за проектите, ги води и социјални медиуми на здружението.
– Така и сфатив дека јас овие години тоа сум работила маркетинг, без воопшто да знам. Затоа и одлучив да ја искористам и да ја поттикнам креативноста. Излезе дека Академијата за дигитален маркетинг е најдобриот избор за мене – објаснува таа.

Академијата ги надмина сите мои очекувања

Андријана вели дека Академијата ѝ ги надминала сите очекувања и секојдневно ѝ го зголемува ентузијазмот и мотивацијата да се надоградувам себеси.
– Во поглед на моето образование, за прв пат во животот сум 100 отсто задоволна со одлуката која сум ја донела. Сметам дека академиите или неформалното образование се иднината, бидејќи нудат конкретни, јасни информации за краток период. Особено признание и благодарност имам до инструкторките кои несебично се вложуваат во предавањата и се секогаш достапни, со трпение и желба да ни помогнат и да ни ги разјаснат работите кои не ни се јасни или пак да не снабдат со информации и да го споделат своето искуство за теми кои не се опфатени со материјата. Ми се допаѓа тоа што сме група на девојки кои се интерактивни, амбициозни и со голема волја да се надоградиме себеси и да покажеме колку сме детеминирани и способни да бидеме успешни – вели Андријана.

На прашањето колку активностите на САНО го подобруваат, олеснуваат животот и на децата болни од канцер, а и на оние што ја победиле болеста, таа одговара дека предизвиците со кои се соочуваат децата кои биле болни од канцер се доживотни и постојано има потреба од општествени и системски промени за подобрување на квалитетот на нивниот живот. Тое се трудат преку најразлични кампањи, активности и проекти да ја подигнеме јавната свест за детскиот канцер и да ги искоренат сите дискриминаторни и осудувачки тенденции, да го подобрат квалитетот на третманот и условите во болница, да им дадат психо-социјална поддршка на овие деца и на нивните родители.

– Во САНО, активни волонтери се деца кои биле болни од канцер. Ние меѓусебно сме си најголема поддршка и доказ дека не сме сами на овој свет. Тоа се трудиме и да им го овозможиме и на дечињата кои сега се лекуваат на хемато-онколошкото одделение. Сакаме да ги искорениме стигмата и срамот, преку нас и нашите приказни, со кои јавно апелираме дека секоја животна приказна има своја вредност и вреди да се каже бидејќи никогаш не знаеме кому тоа може да му помогне – вели Андријана.

Оваа млада девојка-борец за десетина години се гледа себеси пред сè како личност задоволна од себе, од своите избори и достигнувања. Некоја која сè уште се бори во животот да биде најдобрата верзија од себе. Успешна, амбициозна и хумана се зборовите кои досега ја опишувале.
– Сакам така и да остане. Се гледам како некој што го работи тоа што го сака, што продолжува да се надоградува и да стекнува нови вештини. Би сакала да работам во полето на дигитален маркетинг и истовремено да продолжам да работам на проекти, чии активности и резултати ќе им помогнат на децата со канцер – завршува Андријана.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.