Во Гаеријата „Ко-ра“ при Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје од денеска е отворена изложба на дела од Сокол Марковски. Под наслов „Рак не е само хороскопски знак“ изложени се слики работени во техниките масло на платно и комбинирана техника и дигитален принт на хартија, изработени во последните две години.

– Идејата врз која го градам проектот со двосмислен наслов „Рак не е само хороскопски знак“ произлегува од различните емотивни и физички состојби со кои се соочуваат болните од рак. Луѓето што се борат со некаква форма на рак не се претставувани во доменот на визуелните уметности кај нас. Сакам да допрам и до социолошките аспекти преку портретите на замислени ликови и да предизвика сочувство кон нивната секојдневна борба – објаснува Марковски.

Портретите се поставени на црна позадина која ги потенцира психолошките нијанси на фацијалните промени кај личноста, а претставувањето на очите како „огледало на душата“ (или универзална симболика на внатрешниот свет на секоја личност) е изоставено. Според теоријата на боите, црната е комплетна апсорпција на светлина и сите бои на спектарот, затоа, независно од другите елементи на колоритната појавност, очите на болниот се слични едни на други, во случајов сите се анонимно црни. Но, тоа не се само празни и нечујни црни дупки, туку ги содржат сите чувства и борби и, за жал, немо ја рефлектираат надежта и потребата од разбирање и поддршка.

Марковски е роден во 1966 година во Скопје. Дипломирал на Факултет за ликовни уметности, педагошки отсек, насока сликарство, во класата на Јован Шумковски. Ова е негова трета самостојна изложба.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.