Изложбата „Рак не е само хороскопски знак“ во Кочани

„Рак не е само хороскопски знак“ е насловот на изложбата од Сокол Марковски што вечерва во 19 часот ќе биде отворена во Центарот за култура „Бели мугри“ во Кочани. Тој ќе се претстави со слики изработени во последните две години во техниките масло на платно и комбинирана техника и диги

– Идејата врз која го градам проектот со двосмислен наслов „Рак не е само хороскопски знак“ произлегува од различните емотивни и физички состојби со кои се соочуваат болните од рак. Луѓето што се борат со некаква форма на рак не се претставувани во доменот на визуелните уметности кај нас. Целта на проектот е да допре и до социолошките аспекти преку портретите на замислени ликови и да предизвика сочувство кон нивната секојдневна борба – вели Марковски.

Тој претставува портрети како најдиректна или најексплицитна форма на соединување на личните состојби и сознанија и „сознанијата на колективот“ (или негов дел).

– Портретите се имагинарни, човечкиот немир и внатрешна борба се обидувам да ги претставам преку извесна поетска арт брут естетика, со нагласена фацијална деформација и доведени до непрепознатливост преку апстрактизирање на нивната физиономија, при што примарно е доловувањето на интимните психолошки состојби на претставените личности. Предимензионираноста, односно монументализацијата на типизираните ликови е тенденциозна, тие доминираат за постигнување нивна поголема видливост, од една страна, а од друга иницира интроспекција преку сооченост со Лицето на Другиот, со нејзината/неговата болка со цел да се наведе набљудувачот да се постави во позиција не само на нем набљудувач, туку и на учесник во оваа лична физичка и емотивна борба – објаснува Марковски.

Авторот е роден во 1966 година во Скопје. Дипломирал на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на Факултетот за ликовни уметности, педагошки отсек, насока сликарство, во класата на проф. Јован Шумковски. Реализирал неколку самостојни изложби. Изложбата во Кочани ќе биде отворена до 12 мај.

Сподели