Рајко Грлиќ: Учев од мајстори на филмот

Кога пишувате сценарио, тоа си има правила и се што ќе видите на екран, треба да биде напишано во текстот. Со литературата не е така. Јас цел живот пишувам сценарија и не се сметам себеси за писател – рече сценаристот и режисер Рајко Грлиќ синоќа на разговорот што беше организиран во кафе-книжарницата „Буква“ во рамките на фестивалот за литература „ПРО-ЗА Балкан“. Неговиот филм „Караула“ (2006) утревечер во 20 часот ќе биде прикажан во Кинотеката. Пред бројната публика Грлиќ разговараше со Александар Прокопиев, а непосредниот повод беше објавувањето на книгата „Нераскажани приказни“ во издание на „Прозарт“ од Скопје.

Хрватскиот режисер се осврна на периодот на снимањето на филмот „Караула“ (2004 година), во кој Македонија беше една од земјите копродуцентки. Тоа беше прв филм што земјите некогашни членки на Југославија го снимија по нејзиното распаѓање. Во неговата книга е опфатен и тој период од неговата кариера каде вели дека снимањето на филмот „Караула“ му било најубаво искуство.

– „Нераскажани приказни“ ми е повеќе книга со забелешки. Но, и жанрот не е важен. Тоа е категорија што Американците ја измислија за да си ги категоризираат своите филмови во киносалите. Јас ја имав таа среќа, со секој нареден филм да имам слобода да избирам што ќе работам. Учев од мајстори на филмот – Душан Макавејев, Александар Петровиќ, Жика Павловиќ…Во тоа време кога почнаа да се забрануваат некои филмови, се случи трагедија на една култура. Да се прави филм не е лесна работа. Во наше време, фестивалите ни беа како вид услов за да можеме да ги убедиме дома дека треба да ни се пушта филмот во киносалите. Денес имам чувство дека на авторите не им е важна публиката, но само фестивалите – рече Грлиќ.

Актерот Петар Арсовски, кој игра во филмот „Караула“ сподели свои сеќавања за периодот на снимањето и работата со Грлиќ. Тој читаше извадоци од „Нераскажани приказни“ на Грлиќ.

По разговорот следуваше промоција на третата поетска книга „Полиграф“ на Пијан Славеј. Музичкиот перформанс на Бранислав Николов и Гоце Јовановски ја стоплија публиката во студената речиси есенска вечер.

Фотографии: Сашо Димоски

 

 

Сподели