Дуке Бојaџиев ми е голема радост. Велам радост, зашто со него е навистина уживање да се соработува. По „Уставот на Република Хрватска“ ова е наша втора соработка и во него најдов нешто што долго го барав, звук што не потцртува или илустрира одредена работа, туку тонски и’ дава трета димензија, длабочина.
Хрватскиот филм „На сè ќе дојде крај“ на режисерот Рајко Грлиќ, во кој Македонија е копродуцент, заедно со уште пет земји, од вечерва ќе се прикажува и во киното „Синеплекс“ во Скопје. Оваа современа драма и политички трилер ја имаше македонската премиера во рамките на „Киненова“ месецов. И на овој филм, Грлиќ на сценариото се потпишува заедно со Анте Томиќ. Во кусиот разговор за Умно.мк, Грлиќ објаснува дека ова им е петто сценарио заедно, од кои се родил четвртиот филм.
– Ние тоа го правиме во чудна симбиоза – два целосно различни карактери што добро се забавуваат пишувајќи заедно. За овој филм тргнавме од Мирослав Крлежа кој тврдеше дека Балканот започнува на Виенскaта Јужна станица. Со тоа тој и себе и на своето дело, како и на својата потрага по она за што живееме, ги смести на Балканот. А ова во кое ние живееме, овој наш Балкан, оваа „наша мала транзиција’ не е ниту прва, ниту последна. Ние сме во транзиција отсекогаш. Преминуваме од еден во друг режим, од една во друга земја, а да не се помрднеме, преминуваме од раката на едниот во раката на другиот окупатор, трчаме од едниот до другиот ослободител. Затоа и тргнавме од Крлежа и неговиот опис на триесеттите години од минатиот век неговиот најдобар роман „На работ на разумот“ – вели Грлиќ.
Рајко Грлиќ
Тој додава дека во суштина многу малку се променило меѓу неговото и нашето време.
– Моралната и материјалната корупција царува, сè помалку луѓе имаат сè повеќе, а сè повеќе луѓе имаат многу помалку, кокетирање на власта со фашизмот… И што ни е нам најважно, неговиот бес и лутање по времето во кое живеел страшно наликува на она што ние чувствуваме кон ова наше време – вели Грлиќ.
Легендарниот филмски режисер се радува на новата средба со македонската публика. Во филмот мала улога има и Петар Арсовски, кој е пријател на Грлиќ и игра и во „Чаруга“ и „Караула“.
Рајко Грлиќ (1947 година, Загреб) е еден од најзначајните режисери во поранешна Југославија. По распадот на истата живее на релација Хрвaтска – Америка. Тој продолжува да снима провокативни филмови, а меѓу позначајните што се закитиле со фестивалски награди се: „Караула“ (2006), „Нека остане меѓу нас“ (2010) и „Устав на Република Хрватска“ (2016).
Музиката за „На сè ќе дојде крај“ е дело на нашиот музичар Дуке Бојаџиев.
– Дуке ми е голема радост. Кажувам радост, зашто со него е навистина уживање да се соработува. По „Уставот на Република Хрватска“ ова е наша втора соработка и во него најдов нешто што долго го барав, звук што не потцртува или илустрира одредена работа, туку тонски и дава трета димензија, длабочина. Тој е сјаен композитор, сјаен човек. Од „Караула“, кога во Македонија поминав речиси пола година, до денес, а во меѓувреме кај вас имав и ретроспектива и промоција на македонскиот превод на мојата книга „Нераскажани приказни“, имам одлични пријатели во вашата земја – вели Грлиќ.
Во филмот, актерот Јанко Поповиќ Волариќ го игра ликот на Грга, загрепски адвокат што наликува на многу адвокати што ги гледаме на телевизија, вели тој.
– Самобендисан, без некои морални скрупули, подготвен да го тргне погледот пред неправдата, но и криминалот. Освен што ги лаже другите, се лаже и себеси, оправдувајќи ги своите постапки, па така совршено се вклопува во таа денешна каста што живее своевидна автоцензура за да дојде до заработувачка и позиција во нашето корумпирано општество. Главниот предизвик ми беше како да одиграм еден таков тип, а да го бранам и да излезе скоро симпатичен. Грлиќ во тоа многу ми помогна, зашто ги сака актерите, знае што сака од улогите, но дава и прекрасен простор за игра во барањето на ликот. Ми беше големо уживање да работам на овој филм – вели Поповиќ Волариќ.
Јанко Поповиќ Волариќ
На прашањето колку хрватската публика ги сака и гледа домашните филмови, според актерот, филмовите што се снимаат се сè подобри, ама публиката е сè помала.
-Нашите филмови имаат многу мала гледаност, публиката во кино поскоро гледа американски филмови, а хрватските евентуално кога ќе ги прикажат на телевизија. Сметам дека за ова во голем дел виновни се филмовите од 90-тите и раните 2000-ти години, кога луѓето едноставно престанаа да веруваат во нашите филмови. Се надевам дека тоа ќе се промени, но и за тоа треба време, континуитет и каква таква поддршка од државата – вели Поповиќ-Волариќ.
Во филмот играат и: Jелена Ѓокиќ, Живко Аночиќ, Борис Исаковиќ, Емир Хаџихафисбеговиќ, Ксенија Маринковиќ, Марина Реџеповиќ.