Изложбата на скулптури „Раѓање на битието“ на авторот Александар Јанев ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Домот на културата „Бранд Петрушев“ во Богданци. Во своите дела авторот користи доста симболи, бидејќи самата историја на симболите потврдува дека секој предмет може да добие симболичка вредност, било да е природен (камен, стебло, цвеќе, плод) или апстрактен (геометриски облик, број, ритам).

Духот на нашето време е во постојано движење. Тој е како река што тече неприметно барајќи ново, авторот го нашол тоа што му е најблиску, а сепак изгубено во природата и човекот. Тој не се занимава со пресликување на природата, туку со изразување на сопствените доживувања на природата. Тој ја поддржува мислата дека тоа што ни го дала природата треба да се искористи за создавање уметничко дело.
Александар Јанев од Гевгелија дипломирал на УКИМ, Факултет за ликовни уметности Скопје, оддел вајарство со графички дизајн во класата на професор Беди Ибрахим. Учествувал на сите групни изложби на ДЛУГ и Мултимедиа центар, а бил и дел од повеќе ликовни колонии.





