Рациновото признание врачено на Фросина Пармаковска

Фросина Пармаковска за романот „Сè уште можам нешто да сторам“, издание на „Или-Или“ го доби Рациновото признание за 2024 година. Наградата ù беше врачена минатата недела на свеченото отворање на 61, издание на Рацинови средби во Спомен-костурницата во Велес.

Одлуката за наградата во конкуренција од 25 книги ја донесе жирито во состав: Светлана Петрова-Џамбазова (претседателката) и Маја Апостоловска и Јасминка Делова-Сељанова (членки).

Во образложението на одлуката за наградениот роман пишува:
„Ова е дело коешто го користи навидум индуктивниот метод, поаѓајќи од ликовите нè запознава со основните развојни линии на приказната, пополнувајќи ја секојпат со новина за главниот лик Иван и за неговото најтесно (пријателско и роднинско) опкружување. На тој начин авторката создава една сложена структура на ликови, односи, релации, настани, давајќи ни детали и за другите ликови, но секогаш враќајќи го фокусот на нарацијата токму на главниот лик и на неговите интимни чувствувања, размисли, расположби и стравови, со коишто не е секогаш во состојба да се соочи и запаѓа во меланхолични до депресивни кризни состојби.“

Романот „Сè уште можам нешто да сторам“ е објавено во рамките на едицијата ПРОаЗА.

Сподели