Работилници за лендарт во Кавадарци

Од денес до 26 септември во градскиот парк „Љупчо Шкатров“ кај Спомен-костурницата во Кавадарци ќе се реализира работилница за креирање ‘лендарт’ во град. Настанот е дел од проектот „Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева, кој се состои од обука за рециклирање хартија, моделирање, цртање, сликање со природен материјал, уметнички инсталации и скулптури со природни материјали. Целта на работењето со ‘лендарт’ е да се преиспитаат начините на кои ѝ пристапуваме на природата, како и да се крене јавната и политичка свест за екологијата и меѓузависноста на човекот со природата.

Утре, по повод Светскиот ден на озонската обвивка во соработка со ЕкоЖивот Кавадарци и Доротеј Нешовски ќе се одржи креативна работилница на која се поканети сите возрасти, а особено децата.

Ментори на работилниците: Симона Манчева, Ана Трајковска, Ристо Јосифовски – Ромбо, Доротеј Нешовски, Драганчо Таневски.

Заинтересираните учесници да се пријават на manceva.simona@gmail со назнака „Учество во проектот – Заедно дишеме“, повикот е отворен за сите возрасти без никакви ограничувања сè до 25 септември – кога се поставуваат завршените дела.

„Лендарт“ е уметничко движење кое се појавило во 60-тите и 70-тите години на минатиот век преку креирање уметнички дела со користење природни материјали на отворен простор. Движењето било карактеризирано со алтернативен пристап кон уметничките практики кои ги поврзувале природата и културата преку одржливата уметност.

Група уметници и волонтери од Скопје, Велес и Кавадарци ќе создаваат уметнички инсталации со природни материјали, како и со рециклирање на отпадна хартија.

 

Сподели