Работилница за стендап-комедија со актерката Миранда Лончар од БиX во Скопје

Работилница посветена на создавањето стендап-комедија ќе се одржи на 16 декември (сабота) од 11 до 17 часот во КСП Центар Јадро во Скопје. Работилницата ќе ја води Миранда Лончар, позната стендап-комичарка од Босна и Херцеговина.

Оваа работилница, можете да ја замислите како работилница за јавно говорење, а тие вештини се многу барани и всушност корисни за секого. Сепак, работилницата првенствено ќе се занимава со конкретна подготовка и изведба на стендап-настапи. Заинтересираните учесници може да ја добијат препорачаната литература на англиски јазик во pdf формат пред почетокот на работилницата. Исто така, можно е претходно да се подготви текстот и да се испрати до менторката на работилницата за тие да дојдат на работилницата со веќе подготвен текст. Клучен дел од работилницата е импровизиран настап со микрофон, на сцена, пред публика составена од други учесници.

Миранда Лончар (р. 1976) доаѓа од Мостар. Таа се занимава со стендап-комедија од 2008 година. Сака глупав хумор, но сепак да има некоја порака. Ја сака секоја публика, а омилена ѝ е онаа која гласно се смее: луѓе што ширум ја отвораат устата, неоптоварени со својот изглед во моментот на напад на смеа. Комедијата во живо е игра на заведување за двајца, така што на крајот на вечерта и публиката и изведувачот се разголуваат низ смеа.

Stand-up комедијата е жанр кој првенствено се потпира на реторичките вештини на изведувачите. Општо прифатено е дека реториката може да се научи. Во античко време, реториката била еден од главните училишни предмети. Па, ако може да се научи реторика, тогаш е можно да се научи како да се биде stand-up комичар. Сега, учењето како да се користат алатките на реториката и вештините потребни за stand-up изведба не е ниту брзо ниту претерано едноставно, но луѓето кои сакаат да го прават тоа генерално имаат голема желба, а токму оваа страст е најголемиот гарант на успехот.

Сподели