Работилница за создавање „лендарт“ во близина на Велес

Четиридневната работилница за креирање „лендарт“ чија цел е да се крене свеста за екологијата и меѓузависноста на човекот со природата ќе се одржи од денес во наредните три дена во близина на Велес. Работилницата е дел од проектот „Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева. Уметниците: Ана Трајковска, Ристо Јосифовски – Ромбо, Доротеј Нешовски, Елена Димова Пантелиќ и Славица Капиданова, заедно со Симона Манчева авторката на проектот „Заедно дишеме“, ја чинат групата на уметници кои ќе учествуваат на работилницата. Во процесот ќе бидат вклучени и волонтерите Уна Стошиќ, Викторија Чочева, Верица Чочева и Дарко Стојанов, а нивната цел на работењето со „лендарт“ е „да ги преиспитаат начините на кои ѝ пристапуваме на природата, како и да се крене јавната и политичка свест за екологијата и меѓузависноста на човекот со природата“.

Тие заедно ќе креираат уметнички инсталации со природни материјали, како и со рециклирање на отпадна хартија, на место покрај автопатот Скопје – Велес кое се наоѓа во близина на железничката станица „Рајко Жинзифов“, во месноста позната и како Лавчани, во близина на село С’лп.

Во рамките на овој настан, на 7 август, е планирано да се одржи и интерактивна работилница за Пермакултура, со правење семенски бомби. Работилницата ќе ја реализира Елена Данова – едукаторка со познавање и искуство од областа на Пермакултурата и едукативно градинарство.

Во втората е предвидено одржување на работилници за рециклирање и обработка на хартија предводени од Ана Трајковска и Драганчо Таневски, во соработка со ЈП „Комуналец“ и одделение за хортикултура на општина Кавадарци. А, тргнувајќи од реалноста дека и натаму неконтролирано се сечат дрвја и се уништуваат цели шуми, дека е крајно време многу посериозно да се зафатиме со пошумување на голините, третата фаза е планирано да биде реализирана во соработка со Македонски шуми – „БОР“ Кавадарци и планинарски клуб „ЗПК Зелен брег“ од овој град.

Со овој проект „Заедно дишеме“ сакаме да зборуваме за заедништвото, за нашето здравје. Здравјето на населението како предуслов за квалитетен живот и благосостојба го има фундаменталното значење за одржливиот развој. Генетските фактори се значајни, но сепак начинот на живеење и влијанието на животната средина се пресудни за здравјето на населението, на општеството. Поради тесните маргини на образовниот и административниот проблем кај нас, карциномот, белодробните заболувања се прилагодија како глобално прашање на локално ниво. Затоа со овој проект „Заедно дишеме“ сакаме да зборуваме за тоа како треба да превземеме нешто и да почнеме најпрво од себе си. Зошто? Затоа што производите кои ги конзумираме содржат штетни материи како резултат на загаденоста на земјата, воздухот и водата, вели Симона Манчева.

Уметничката појаснува дека токсичните елементи од индустријата и транспортот, како и пестицидите од земјоделството, се таложат во вегетацијата и преку синџирот на исхрана доаѓаат до човекот. Дека сите заедно страдаме.

„Лендарт“ е уметничко движење кое се појавило во 60-тите и 70-тите години од 20 век. Тогаш група на уметници, втемелувачи и припадници на ова движење, креирале уметнички дела со користење на природни материјали на отворен простор. Движењето се карактеризирало со алтернативен пристап кон уметничките практики кои ги поврзувале природата и културата преку одржливата уметност

Работилницата се реализира во соработка со КСП Центар-Јадро, во рамките на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“ финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Сподели