Претставата „Работи за кои не зборуваме“ во режија на Нела Витошевиќ, ќе ја има својата премиера вечерва во 20 часот на малата сцена на Македонскиот народен театар. Станува збор за авторски проект на екипата базиран на лични монолози, анонимни сведоштва и документарен материјал.
Драматург е Викторија Рангелова-Петровска, сценограф е Васил Христов, а костимограф Роза Трајчевска-Ристоска. Користена е музика од Крсте Роџевски. Улогите ги толкуваат: Драгана Костадиновска, Ивана Павлаковиќ, Сара Климоска, Никола Настоски, Исмет Шабановиќ.

Исмет Шабановиќ

– „Работи за кои не зборуваме“ е театарска претстава што преку интимни и емотивни приказни сака да им даде глас на општествените проблемите за кои не се зборува. Преку низата вистинити приказни, во кои секој може лесно да се пронајде, претставата отвора прашања за патријархалното уредување во регионот, но и пошироко.

Низ повеќе сцени инспирирани од лични монолози на актерите, анонимни искуства на лица добиени преку распишан повик, како и документарен медиумски материјал, претставата ги подвлекува/става акцент на проблемите поврзани со депресијата, траумите од детство, дискриминацијата, малтретирањето и насилството, религијата, агресијата и нетолеранцијата, како и разни психолошки проблеми и однесувања со кои поединецот секојдневно се соочува. На трагикомичен начин претставата прави критика на балканското патријархално милје, но истовремено провоцира и разговор за промена во општеството. Публиката ќе биде вовлечена во свет на лични сеќавања, кои се испреплетуваат со човечки болки, трауми, стравови и среќни моменти од животите на разни луѓе. Интимноста, искреноста и вистинитоста на сведоштвата се главно ткиво на оваа документарна претстава – велат од МНТ.

Никола Настоски

Претставата е во продукција на „Вондерленд театар“ и копродукција со МНТ. Проектот е финансиран од швајцарската амбасада во Македонија, а поддржан од Министерството за култура.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.