Публиката најчесто ги гледа само резултатите – ретко се прашува како се постигнати

Со Тони Димитров разговараме каква е судбината на градските институции на кои културата им е главна дејност. Особено во време кога Градот Скопје многу тешко функционираше, а тоа се одрази и на Културно-информативниот центар во Скопје

Пред скоро четири години го презеде раководството со Културно-информативниот центар, главната градска галериска институција беше „на респиратор“. Нештата полека се стабилизираа, почнаа да се отвораат изложби, промоции, публиката повторно да се враќа во зградата на „Работнички дом“ во центарот на Скопје. Со Тони Димитров разговараме каква е судбината на градските институции на кои културата им е главна дејност. Особено во време кога Градот Скопје многу тешко функционираше, а тоа се одрази и на КИЦ.

Тони Димитров / Фото: Маја Аргакијева

Раководите со Културно-информативниот центар во Скопје скоро четири години. Како би ги опишале во неколку реченици?

– Како интензивни, интересни и возбудливи, но истовремено и тензични и проблематични. Често, кога ме прашуваа како е, одговарав – „на буткање“. Затоа што ако не буткаш, работите лесно застануваат. И покрај таквите околности, успеавме да постигнеме многу. Културно-информативниот центар го рестартиравме, го раздвиживме и повторно го направивме видлив и релевантен за сцената.

Зад сцената, секако, постоеја бројни предизвици. Од финансиски ограничувања и секојдневни технички проблеми, импровизации со кадарот, прекини на електрична енергија, до политички и лични притисоци, напади, опструкции и бојкоти. Јавноста и публиката најчесто ги гледа само резултатите, но ретко се прашува во какви услови тие се постигнати. Процесот беше исклучително тежок, но секој вложен момент вредеше, затоа што резултатите денес се јасно видливи.

Фото: КИЦ

КИЦ го презедов со конкретна програма и јасен план, и со оглед на условите во кои функциониравме, а кои беа далеку од идеални, реализирањето дури и на дел од таа визија го сметам за сериозен успех. Затоа сметам дека тоа постојано „буткање“, вложеното време, енергија и познавањето на сцената на крајот се исплаќаат, особено кога станува збор за задоволување на реалните потреби на уметниците и културната сцена.

Што беше најголем предизвик кога ја презедовте институцијата?

– Најголемиот предизвик беше работата во конкретната политичка констелација во која ја презедов институцијата. За среќа, објектот беше домаќински одржуван и физичките услови беа коректни, па со мали интервенции можеше да се доведе до едно достоинствено ниво на функционирање. Но, вистинските проблеми беа на друго место.

Програмскиот аспект и јавната видливост на Културно-информативниот центар беа на исклучително ниско ниво. Свесно влегов во процес на реформи, со јасна намера за промени, но многу брзо стана јасно дека комуникацијата со клучните чинители е еднонасочна, а често и речиси невозможна, без разлика дали станува збор за институционални, политички или други фактори.

Буџетот беше утврдуван без претходна консултација и без да се земе предвид програмата што планирав да ја реализирам. Немаше слух ниту за капитални инвестиции, ниту за спроведување на идеи поврзани со реконструкција на просторот, иако веќе подготвив и конкретен проект. Генерално, институцијата немаше системска поддршка, a неретко Советот не гласаше ниту за основни работи, што дополнително го отежнуваше функционирањето и нè оставаше практично сами да се снаоѓаме.

Фото: КИЦ

Во такви услови, бевме принудени да работиме, или попрецизно да импровизираме, со ресурсите што ги имавме на располагање. Тоа дополнително ја отежнуваше реализацијата на програмските цели, но истовремено нè натера да бидеме креативни, флексибилни и упорни за да го одржиме континуитетот и видливоста на работата.

Така што, од една страна, постои декларативно инсистирање на деполитизација на културата, а од друга страна, реалноста покажува дека е исклучително тешко да се работи во услови во кои немате политичка поддршка и контрола врз основните параметри на функционирање. За жал, јасно е дека како општество сè уште сме далеку од суштинска промена на тие механизми и на менталитетот што ги одржува.

Покрај редовната програма реализирана во изминативе четири години, многубројни изложби, промоции, рецитали, што сметате дека е најголемо достигнување што го постигнавте во изминатиот период?

– Тоа што Културно-информативниот центар повторно го воскреснавме. И тоа не е моја лична оценка, туку перцепција на публиката и уметниците. А токму таа перспектива е најважна, затоа што тие се корисниците на содржината и тие најреално можат да оценат дали една институција живее или само формално постои.

Од моја страна, фокусот беше КИЦ да добие јасен идентитет, континуитет и видливост. Работевме интензивно на збогатување и диверзификација на програмата, а промоцијата ја издигнавме на сериозно, професионално ниво. Ја зајакнавме и информативната улога на КИЦ преку воведување градски културен магазин/информатор, што е една од неговите основни дејности.

Посебно важен момент беше ребрендирањето на фестивалот „Звуците на чаршијата“ во современ летен фестивал „Звукот на Скопје“, со поширок концепт, поголема видливост и интернационални имиња. КИЦ ја презеде и реализацијата на прославата и доделувањето на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, како и доделувањето на наградата „Борко Лазески“ во соработка со Факултетот за ликовни уметности. Особено значајно беше и одбележувањето на јубилејот „55 години КИЦ“, кое го реализиравме преку голема изложба на колекцијата на Центарот, надополнета со селекција на плакати од настани од изминатите децении од неговото постоење, изработени во техника ситопечат. Со тоа не само што направивме пресек на историјата, туку ја актуализиравме и визуелната и културната меморија на КИЦ, поврзувајќи го минатото со современиот контекст.

Фото: Маја Аргакијева

Паралелно, потпишавме меморандуми за соработка со сродни факултети, средни училишта и неколку здруженија, со јасна намера КИЦ да стане отворена платформа за едукација, продукција и интергенерациска размена. Тоа беше уште еден чекор кон зацврстување на неговата улога како жив културен организам, а не само како институција што административно ја исполнува својата функција. Дополнително, КИЦ ја презеде организацијата на „Европскиот месец на креативноста“ и програмата „Уметник во престој“, во рамки на европскиот проект CRE ART 3.0. Со ова, Центарот се вклучи во сериозна европска културна мрежа, отворајќи простор за меѓународна размена, мобилност и продукција, и позиционирајќи се како активен партнер во современите европски културни текови.

Реализиравме и неколку сериозни ретроспективни изложби и изложби на големи уметнички имиња, со што КИЦ повторно се позиционираше како релевантен културен простор, место каде што се случуваат важни работи, а не само место што формално исполнува програма.

Во истиот дух го инициравме и „Културен Амалгам“ – интердисциплинарен и мултимедијален фестивал што спојува различни уметнички практики и публика, како и интензивна соработка со сродни културни установи од внатрешноста на Македонија. Нашата цел беше јасна: КИЦ да не биде изолиран центар, туку јадро на една поширока, поврзана и жива културна мрежа и децентрализација.

Каква е состојбата со кадар денес во КИЦ? Колку вработени треба да има според систематизацијата, колку вработени има, кои се најдефицитарни кадри?

– Состојбата со кадарот денес во КИЦ е исклучително сериозна, слободно можам да кажам алармантна. И тоа е еден од најголемите и најсуштинските проблеми со кои се соочуваме. Без пари, колку-толку, секогаш може да се најде начин да се импровизира и да се одржи минимум функционирање, но да се работи без кадар е апсурд. За жал, токму тоа моравме да го практикуваме.

Кога го презедов, КИЦ имаше 19 вработени. За неполни три и пол години, таа бројка се преполови и денес функционираме со само деветмина вработени, а бројката ќе се намали во следните неколку месеци. И притоа не зборуваме за споредни позиции, туку за клучни и системски неопходни кадри: сметководство, техничар, раководители на сектори, кустоси, лице за јавни набавки, секретарка, функции без кои институцијата едноставно не може да функционира.

Фото: КИЦ

За жал, КИЦ не е изолиран случај. Постојат културни установи во државата кои се во уште полоша состојба и практично работат без кадар. Тоа само ја потврдува длабочината на проблемот. За ова континуирано алармирав, но без суштински поместувања. Не беа прифатени ниту можностите за прераспределба од други институции, ниту модели на споделено користење кадар.

Она што ја прави ситуацијата уште потрагична е фактот што институцијата нема сопствени редовни приходи со кои би можела да ангажира кадар по договор на дело, бидејќи средствата од Градот се строго програмски. Така влегувате во еден затворен круг и целосна зависност од Министерството за финансии, кое по правило не одобрува нови вработувања, а испразнетите работни места со текот на времето пропаѓаат.

Во таа смисла, состојбата со кадарот најјасно покажува како културата реално се третира во Македонија – декларативно важна, а суштински оставена да преживува.

КИЦ под надлежност на Град Скопје, институција каде во последните четири години имаше голема нефункционалност. Од друга страна како градска институција можете да аплицирате и на годишната програма на Министерството за култура и туризам. Каква е судбината на институции од културата кои се зависни од локалната и од централната власт?

– Институциите од културата што се под надлежност на локалната самоуправа се во специфична и често незавидна позиција. Градот, барем формално, има обврска да се грижи за своите установи – од обезбедување буџет за покривање режиски трошоци, спроведување на административни процедури, до почитување на институционалната автономија. За жал, во изминатите четири години таа грижа не беше на задоволително ниво, а мешањето во автономијата на институциите беше сериозен проблем. Последиците од таквиот пристап денес се јасно видливи кај повеќето градски културни установи.

Од друга страна, како градска институција имаме можност да аплицираме и на годишните програми на Министерството за култура и туризам. Министерството, во принцип, покажува одредена респонзивност кон проектите со кои аплицираме, но проблемите настануваат во фазата на реализацијата, токму поради хроничниот недостаток на кадар. Така, дури и оние малку проекти што ни се одобрени, стануваат исклучително тешки за спроведување.

Дополнително, како градска установа, средствата што ги добиваме од Министерството по правило не се големи и не можат суштински да ја стабилизираат работата. Во ваков двоен модел на зависност – и од локалната и од централната власт – институциите често остануваат „меѓу две столици“, со ограничена автономија, недоволна поддршка и зголемена одговорност. Без јасна распределба на надлежности, стабилно финансирање и вистинска институционална автономија, ваквиот модел тешко може да биде одржлив.

Какви се можностите за финансирање од странски фондови? Колку вмрежувањето со сродни институции од странство ја олеснува работата?

– Можностите за финансирање од странски и европски фондови се навистина огромни и, формално гледано, институции како Културно-информативниот центар се целосно соодветни да аплицираат. Но, апликацијата не е само формалност, таа мора некој сериозно да ја подготви, а потоа следуваат реализација, мониторинг, евалуација и правдање на проектите, што подразбира континуирана и стручна работа.

Во реалноста, како директор најчесто сум целосно оптоварен со бирократски процедури и со основното секојдневно функционирање на установата, па во вакви услови е речиси невозможно паралелно да се работи и на комплексни европски апликации. Станува збор за поголеми и посериозни проекти што бараат специфично знаење, искуство и посветен човечки ресурс. Без соодветен и стабилен тим, тие можности остануваат неискористени.

Фото: КИЦ

Вмрежувањето со сродни институции од странство е од клучно значење. Таквите партнерства не само што ја олеснуваат апликацијата и реализацијата на проектите, туку овозможуваат размена на знаења, искуства и добри практики, како и поголема видливост и одржливост на програмите. Вмрежувањето денес не е луксуз, туку неопходен предуслов за современо институционално работење, особено во културата.

Зошто е важно раководителите на институциите од областа на културата да бидат соодветен кадар, без политички калкулации? Како нашето општество да се ослободи од овој начин на „решавање“ на проблемите?

– Затоа што само така институциите нема да бидат политички плен за задоволување на коалициски апетити. Културата, како дејност што не носи директен финансиски профит и често се перципира како „помалку важна“, најчесто се препушта на коалициски партнери или помали партии и станува жртва на политички калкулации. Во такви услови, неретко се поставува нестручен кадар, без искуство, без реално познавање на културната сцена и без менаџерски капацитети. Кога на тоа ќе се надоврзе и хроничниот недостаток од кадар, раководството лесно се губи, а институцијата стагнира или пропаѓа.

Културата е специфична и чувствителна дејност што бара знаење, искуство и разбирање на нејзините процеси и контексти. И тука мора јасно да се каже: образованието и културата се темелот на секое здраво општество. Не можете да градите зграда од вториот кат, исто како што не можете да градите општество без културна и образовна основа, со елементарно неписмени политичари или институционален кадар кој подоцна ги креира насоките по кои сите функционираме и живееме.

Во таков контекст, не е изненадувачки што културата најчесто се третира како трошок, а не како инвестиција – прва на удар при кратење на буџетите и последна на листата на приоритети. Притоа се заборава дека културата не е луксуз, туку јавна услуга и клучен дел од образовниот и општествениот екосистем. Општество што штеди на култура, всушност штеди на сопствената иднина, па затоа и ја нема.

Ослободувањето од ваквиот начин на „решавање“ на проблемите е можно само преку јасна департизација на културните институции: транспарентни и јавни конкурси, стручни и независни комисии, јасно дефинирани мандатни цели и механизми за отчетност. Раководните позиции мора да се сфатат како јавна одговорност, а не како политичка награда.

Фото: Маја Аргакијева

Сподели