Првпат на македонски јазик делата на Менциј преведени од Игор Радев

Во Салон 19.19 при Културно-информативниот центар во Скопје вечерва во 19.19 часот ќе се одржи промоција на книгата „Менциј“ во превод од старокинески јазик и со предговор и белешки на Игор Радев, доктор по старокинеска филологија. Книгата, издание на „Македоника литера“, ќе ја промовира проф. д-р Ристо Солунчев. За местото на Менциј во класичната кинеска филозофија ќе зборува д-р Игор Радев.

– Менциј е еден од четворицата најголеми кинески класици, покрај Лао Це, Чуанг Це и Конфучиј, односно најпознатиот конфучијанец по Конфучиј. Менциј првпат интегрално се објавува на македонски јазик. Предговорот, всушност, претставува обемна и пристапна студија, во која се обработени мислата на Менциј и историскиот контекст на настанокот на неговото дело – велат издавачите.

Делата на Менциј се напишани во седум книги, во вид на дијалози. „Македоника литера“ претходно ги има објавено „Лун Ји (Беседи и мислења)“ на Конфучиј (познати и како „Аналектите“ или „Изреченија“), „Тао Те Кинг“ на Лао Це и „Безгрижно талкање“ на Чуанг Це.

Менциј (Мѐнг Ци̌’; 372 – 289 п. н. е.) е еден од стожерните филозофи во кинеската историја, чие дело претставува вододелница во интелектуалниот живот на оваа земја. Живеел во преодот од 4 до 3 век пред новата ера, кога Кина се наоѓала поделена на многу мали држави, кои честопати биле во конфликт. Во таквите околности, дошло и до заживување на филозофската мисла, кога разни филозофи, коишто претставувале различни интелектуални школи влегувале во остри полемики меѓу себе.

Сподели