Прва светска конференција за верски дијалог во Струга

Првата светска конференција за верски дијалог и соработка ќе се одржи од 4 до 10 октомври во Струга. На конференцијата ќе учествуваат еминентни професори и истражувачи од областа на религијата од напата земја, Србија, САД, Финска, Романија, Холандија, Оман, Грција, Италија, Бугарија, Белгија, Полска, БИХ, Хрватска, Унгарија, Швајцарија, Франција, Индија, Малта, Австралија, Азербејџан и од Украина. Конференцијата ја организира Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје.

– На Првата светска конференција ќе бидат презентирани најновите резултати од истражувањето во оваа област на меѓукултурниот и верскиот дијалог и соработка во светот, како што се: улогата на верските и културните институции во решавањето на верските конфликти во Европа и светот; спроведување на процесите на интеркултурализмот во пост-глобалната ера; спроведување на идеите на екуменизмот и неоекуменизмот во светски рамки; улогата на религијата во мирот и конфликтот итн. – велат од Центарот.

По завршувањето на Конференцијата, презентираните трудови ќе бидат објавени во меѓународното научно списание Religious Dialogue and Cooperation издадено од Филозофскиот факултет во Скопје. Дополнително, ќе се изберат трудови кои ќе бидат објавени во книга.

Сподели