Во Музејот на современата уметност во Скопје задутре (3 септември) во 20 часот ќе биде отворена ретроспективна изложба за еден од највлијателните македонски архитекти, Живко Поповски. Ова е прва сеопфатна презентација на неговото дело. Куратори се Анета Христова-Поповска и Мери Батакоја.
Изложбата го осветлува неговиот проектантски опус, претставен со ексклузивни материјали од приватната архива. Публиката ќе има можност да види десетици оригинални проекти, цртежи, фотографии и видеа, кои за првпат го откриваат целосниот спектар на неговите авторски преокупации.
– Сиот овој документарен материјал испишува една поубава стварност за нашите градови и го прикажува Живко Поповски како вистински вљубеник во архитектурата, кој го посветил сиот свој живот неуморно замислувајќи и проектирајќи архитектура со интимна посветеност. Дополнително, низ оваа изложба, архитектонската имагинација на Живко Поповски се разоткрива како исклучително комплексна и дијалектичка — со преокупации кои се протегаат од модернистичката универзалност до силната културна самосвест и длабоката грижа за локалните континуитети, од рациото на модерниот артефакт до ексцентричноста на ликовната интуитивност и постмодерната текстуалност. Неговата архитектура е жива форма — која, како и животот, е повеќегласна и постојано во еволуција – велат кураторите.
Изложбата е конципираноa во шест тематски целини:
Холандска епизода – Архитектурата на отвореното општество
Фокус „ГТЦ – Собрание на Град Скопје“ – Урбархитектурата на дело
Архитектонски конкурси – Рефлексија на самоуправувањето во архитектурата
Охридска архитектонска школа – За критичкиот регионализам и татковинските места
На Скопје, со љубов! – За градот што може(ше) да биде
Обрасци на архитектонската имагинација – Авторски теми и семантички идиосинкразии.
= Наместо линеарна биографија, изложбата се гради како простор на резонанци, каде тематските целини се прелеваат една во друга, претставувајќи го делото на Живко Поповски како траен потсетник дека архитектурата може – и треба – да биде и длабока авторска опсесија, и интелектуална позиција, а притоа и натаму да остане културен проект со недвосмислена јавна одговорност – велат кураторите.
Изложбата ќе биде отворена до 15 октомври.





