Претставата „Пијани – литургија zero“, според текстови на: Хајам, Вирипаев и Достоевски во режија на Дејан Пројковски ќе ја има својата прва реприза вечерва во 20 часот на сцената на Народниот театар во Штип. Во претставата играат Владимир Тулиев, Пеце Ристевски, Миле Вратеовски, Никола Кузелов, Кристина Атанасова Арсова, Анѓелка Нашкова, Елена Шорова Дербов, Марија Минчева Андонов и Ава Хусеини.
Како сценограф се потпишува Валентин Светозарев, костимограф е Раде Василев, а композитор е Горан Трајковски. Драматург е Габриела Коцева Тулиев, дизајн на плакато е на Сергеј Светозарев.
Човекот и во животот за да преживее и да ги оствари своите соништа треба да знае многу вештини, да жонглира со семејството, да оди по греда со колегите на работа, да биде на трапез и многу често е падни-стани. Целата претстава се игра во една напуштена спортска сала и кога би ги направиле добро елементите би проработиле соништата на еден човек – објаснува Пројковски.
Тој посочи дека претставата говори за малиот човек, кој има големи соништа и амбиции да полета.
– Една претстава којашто зборува за современиот човек, современите односи на сите нас, како што вели Чехов „за малиот човек“. Малиот човек, кој има големи соништа заглавен во животната кал, со големи амбиции за да полета. Малиот човек којшто секаде е околу нас, го сретнуваме на улица. Но и малиот човек којшто секое утро самите го гледаме во огледалото, односно една претстава којашто зборува за постојаната потреба на човекот да ја бара смислата на животот. Додека како што вели еден филозоф „животот на земјата е всушност она време кое го поминуваме сите планирајќи како еден ден ќе живееме и ќе бидеме среќни, кажа Пројковски.