Прва реприза на „Хинкеман“ на „Театар Елец“ в понеделник во МКЦ

Првата реприза на претставата „Хинкеман“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, а во продукција на Театар „Златен Елец“ и фестивалот Млад отворен театар ќе биде изведена в понеделник (25 ноември) во 20 часот во МКЦ. Во претставата играат: Бобан Алексоски, Талија Настова, Дритон Вејсели, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски, музиката е на Лука Тошев, дизајнер на рекламен материјал е Бојана Цилевска а фотографиите се на Тамара Малкоска и Александар Ристовски.

Претставата „Хинкеман“ е работена според анти-воената и експресионистичка драма (Der deutsche Hinkemann, 1923) на Ернст Толер чија најголема инспирација бил актуелниот историски контекст и времето во кое создава. Текстот се обидува да ја пренесе духовната ситуација на народот и истовремено бара правда и подобра иднина со цел да се исправи кривата сликата на тогашното општество. Во текстот на Толер се препознаваме и денес, а со тоа треба да се запрашаме дали воопшто нешто се менува во длабочината на човечкото однесување.

Овој текст е своевидно истражување на бруталните сили што управуваат со нашиот свет – војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа. „Хинкеман“ е како огледало на нашето општество изградено на суровост, пари и предрасуди, а оние кои се различни на било кој начин, секогаш, во било кој историски контекст се исмејувани или отфрлени од толпата.

-Хинкеман нè охрабрува да го видиме светот низ очите на оние кои се маргинализирани и дискриминирани и дава порака за разбирање, емпатија и заедништво. Низ неговото патување, се потсетуваме дека секој поединец, без разлика колку е скршен или различен, заслужува достоинство и сочувство. Oва е повик да се изгради општество кое им помага на луѓето наместо да ги турка на маргините – општество каде емпатијата е извор на сила, трансформирајќи ги не само поединците, туку и светот околу нас. – вели режисерката Тамара Стојаноска.

Оваа копродукциска претстава со фестивалот МОТ е резултат на наградата „Биш“ на Театар „Златен Елец“ за претставата „Кенди“ во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, која е сè уште активна претстава со вкупно четири награди на различни театарски фестивали.

Сподели