Успешни новинари, стопанственици, уметници, културни работници, професори ќе учествуваат на првата конференција „Чувари на мудроста“ што на 31 март ја организира Халкбанк АД Скопје во малата сала на Филхармонијата. Ќе се дискутираат интересни теми за значењето на професионалната надградба и кариерниот развој, економија, претприемништвото, значењето на културната едукација. Целната публика се пред сè младите луѓе, а ќе бидат поканети младински граѓански организации, студенти, млади претприемачи…
Конференцијата е дел од поголемата кампања „Да ги слушнеме и гушнеме“, што започна минатата година, а е наменета за да им даде глас на припадниците на повозрасните генерации. Таа е наменета за генерациите пред нас, оние што нè пораснаа и ни го покажа патот по кој чекориме денес.
– Идејата на оваа активност не е само да им дадеме повеќе простор на успешните и реномирани луѓе од Македонија, туку едноставно да ги поттикнеме сите млади да им обрнуваат повеќе внимание и да поминуваат повеќе време со повозрасните. Нивното искуството е вистинско богатство и инспирација, а тоа е една од максимите на оваа кампања – вели Маја Наумовска-Савеска од Халкбанк АД Скопје.
Кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“ започна во октомври минатата година. Во рамки на истата се спроведоа повеќе активности меѓу кои акцијата „На кино со баба и дедо“ во рамки на која во повеќе градови во Македонија се прикажуваа македонски филмови. Исто така, во пресрет на новогодишните празници, во повеќе домови за стари лица се организираа игранки со истакната естрадни уметници.
Повеќе информации за кампањата „Да ги слушнеме и гушнеме“ се достапни на https://cuvarinamudrosta.mk/