Прв Саем на литература за деца на „Литера“ од 15 до 18 мај

Меѓународниот фестивал за илустрација и литература за деца, „Литера“ го најавува првиот Саем на литература за деца кој ќе се одржи од 15 до 18 мај во рамките на 6. издание на Фестивалот што ги слави и промовира квалитетната литература и илустрација за најмладите читатели. Настанот ќе биде место каде што децата ќе можат да се запознаат со своите омилени автори и илустратори, да учествуваат на различни промоции и работилници и да си купат книги потпишани од авторите.

– Идејата не е само да го прославиме богатството на литературата, туку и да влијаеме врз развојот на децата и нивната едукација. Преку Саемот на литература за деца, книгата станува достапна и привлечна за младите читатели, стимулирајќи ги да ја разгорат својата желба за читање и истражување на светот на зборовите и илустрациите – вели Ема Ќипроска, програмски менаџер на „Литера“.

Преку саемот, домашните автори, илустратори и издавачи ќе добијат уште една можност за промоција на своите дела, а читателите на едно место да можат да ја видат понудата на литература за деца. Мисијата на „Литера“ е да ја поттикне љубовта на децата кон книгите и сликовниците и да ја развие нивната креативност преку работилниците што се организираат во рамките на Фестивалот.

Покрај Саемот, годишното издание на „Литера“ ќе понуди изложби, работилници, конференција. Земја во фокусот е Турција, од каде ќе гостуваат тројца еминентни илустратори, кои ќе одржат мастер класови.

„Литера“ шеста година по ред ќе организира успешни изложби, привлекувајќи голем број посетители и влијателни гости од целиот свет. Од македонски доајени во илустрацијата, како и изложбата на доајенот Димитар Кондовски, до бројните странски илустратори кои го посетиле Фестивалот, „Литера“ постојано ja поддржува и промовира квалитетната литература и креативноста во илустрацијата.

Сподели