Катедрата за современ танц при Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ од денеска ја започнува новата студентска година, за прв пат во новите простории во Домот на Армијата во Скопје. Просториите се целосно реновирани и, по највисоки стандарди опремени за изведување настава за современ танц, велат од Катедрата за современ танц.

Оттаму најавуваат богата програма во која ќе учествуваат студентите, преку соработката со девет европски танцови универзитети и акадмии, со кои се најавува тесна соработка во следниов период.

– Со голема возбуда, повторно се планира програмата за фестивалот „Share“ кој се одржува од 2017 година, а во 2018 година се одржа во Скопје и Штип, со учество на преку сто студенти од овие девет академии од Австрија, Словенија, Унгарија, Полска, Република Чешка, Велика Британија, Латвија и Македонија. За прв пат по пандемијата, оваа програма се обновува и ќе се одржи во Братислава, Словачка. Новата генерација студенти на УГД ќе имаат можност да работат по современа европска програма, да настапуваат и да разменуваат искуства со останати студенти од Европа и пошироко. Својата пракса и понатаму ќе ја имаат во соработка со Скопје танцовиот театар, што ќе им овозможи настапи во земјава и странство – вели Рисима Рисимкин, деканка на Филмската академија при УГД.

Од ноември 2021, за прв пат ќе започнат и програмите за втор циклус студии на Катедрата за современ танц при УГД, мастер програми за кореографија и танцова едкуација, на англиски јазик, за кои веќе има голем интерес од земјава и странство. Во рамките на овие програми ќе се одржува и програма, насловена „Креативен центар“ во која студентите од втор циклус студии, покрај регуларната настава, ќе имаат можност да посетуваат предавања на врвни уметнички имиња од полето на изведбените уметности, визуелните уметности, но и социологија и антропологија од земјава и странство.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.