Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците и студентите (ОДАС) денеска пред Министерството за образование и наука организира предупредувачки протест. Тие реагираат за актуелни прашања околу средношколскиот и студентскиот стандард – државна матура, субвенциониран студентски оброк. На ОДАС им се придружи и движењето „Студентски отпор“, а и Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје им посочи на своите членови доколку сакаат, да дадат поддршка за протестот.
-Овие неколку години како учесници во образовниот систем се соочивме со голем број предизвици за кои вреди да се лобира и диксутира кај надлежните – велат од ОДАС.
ОДАС соопшти дека целта на протестот е да се истакне значењето на нивните ставови во врска со државната матура и да се забрза носењето соодветно решение. Тие од Владата и Собранието побараа годинашната генерација матуранти да имаат скратен обем на материјал за завршниот испит или да се намали бројот на интерни испити.
Од ОДАС велат дека оваа генерација матуранти се најоштетени и дека немале непрекинато една целосна учебна година во нивното четиригодишно средно образование. Корона-кризата, онлајн-наставата и дојавата на бомбите се главен фактори што влијаат за нивните барања.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири во вторникот изјави дека за ова барање ќе треба да се разгледа дали и што дозволува законот да се промени во овој период за организација на државната матура. Најави дека наредната недела ќе има состанок со директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) за уште еднаш, како што рече, „да ја известиме јавноста кои се материјалите и што е предвидено во нив“ и барањето на учениците да се разгледа заедно со Сојузот на средношколци.
Сојузот на средношколци на Република Северна Македонија, како што пред три дена изјави неговиот претседател Лука Павиќевиќ, за една до две недели ќе има состанок на Генералното собрание за да се произнесе по прашањето околу полагањето на државната матура.
Постојаното доцнење на исплатата на стипендиите и на студентскиот оброк, нетранспарентно договарање на цената за субвенционираниот студентски оброк од 140 денари – износ кој, како што велат, е деградирачки во услови на висока инфлација, како и маргинализирање на студентите се причините за протестот и на „Студентски отпор“.