На скопската плажа (на Кејот на Вардар) утревечер во 19.30 часот ќе биде отворена едновечерната изложба „Просторни реадаптации 4“. Коципирана како место за културна практика, група автори ќе ги претстават своите мултидисциплинарни и инвентивни истражувања ни кои го трансформираат отворениот простор на некогашната скопска плажа, преполнувајќи го со разновидни концепти кои нудат свежи перспективи и давајќи му нова смисла.
– Повеќе автори ќе ги претстават и иновативно ќе ги реадаптираат сопствените дела во склопот на скопската плажа, од којашто е оставена само металната конструкција како додаток за изложбено поигрување. Покрај тоа, очекувајте да ги погледнете и да ги доживеете овие трансформации на просторот од автори кои третираат разновидни уметнички дисциплини – велат организаторите.
Во ова издание учествуваат авторите: Ивана Ќ. Самандова, Доротеј Нешовски, Маја Кировска, Драганчо Таневски, Дијана Томиќ Радевска, Озбек Ајваз, Ана Трајковска, Ѓорѓе Јовановиќ, Јана Јакимовска и Перо Кованцалиев. Тие ќе ја приближат уметноста до секојдневието на граѓаните и ќе овозможат поблиско запознавање на македонските уметници и различните изведби на денешната современа уметност. Изложбата ќе трае само утревечер од 19.30 до 23 часот.
Проектот е поддржан од Министерство за култура и туризам.
Дизајн на насловна илустрација: Ивана Ќ. Самандова





