Простор за дружење, едукација и нови идеи – отворен првиот Еразмус+ инфо центар во Битола

Првиот Еразмус+ инфо центар деновиве беше отворен во Битола. Националната агенција за европски образовни програми и мобилност го отвори центарот како креативен простор во централното градско подрачје, меѓу битолчани познато како „Кафе чао“. На отворањето присуствуваа многу млади лица од регионот, студенти, наставници, професори и претставници на дипломатскиот кор во земјава. Центарот е наменет е за младите, но и за но сите кои сакааат да се информираат за програмите или мрежите со кои раководи Националната агенција. Според Марко Ѓоргиевски, директор на Агенцијата, Еразмус+ инфо центарот ќе биде место за информирање и презентирање на можностите од програмите Еразмус+ и ЕСК, како и сите мрежи со кои управува Националната агенција.

Марко Ѓоргиевски

– Чест ми е и задоволство што првата канцеларија ја отвораме во Битола. Сè започна од една идеја која подоцна беше ставена во работна програма, па одобрена од Владата. Со отворањето започнува новата приказна. Овој простор ќе служи за дружење, едукација на младите, но и можност да творат и да ги искажат своите идеи. Просторот е отворен за сите кои се вклучени или сакаат да се вклучат во Еразмус+, една од најуспешните програми во Европската Унија. Им благодарам на сите битолчани кои одлично нè прифатија и ни помогнаа во изминатиов период – рече Ѓоргиевски.

Јана Танчевска и Ѓоргиевски

Присутните ја проследија изложбата на младата битолска уметница Јана Танчевска и уживаа во делата од класичната музика изведени од учениците од Музичкото училиште во Битола.

Еразмус+ инфо центар ќе биде безбедно место за младите, за нивните идеи и креативност. Националната агенција продолжува со континуираната промоција на европските вредности и приоритети за поддршка на стручното образование, на инклузивно општество, на активности кои ја промовираат „зелената агенда“ и одржливост за постигнување на долгорочно одржливи цели.

Сподели