Во галеријата „КО-РА“ во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје, од синоќа е отворена изложбата „Проосветлување“ (Proolightning) на авторите Перо Кованцалиев и Васко Ѓоргиев, кои се претставуваат под називот „Двајца привремени“.

Изложбата претставува вид Диогенова потрага по човекот, но и по уметничкото дело кои сѐ почесто се затскриени и заменети од сѐ попаметните технологии. Изложбата го повикува човекот да излезе од атрофизираната состојба на виртуелната „присутност” и бара активно учество без кое делото не може да се открие во темниот амбиент. Со помош на сензори за движење делата се осветлуваат покажувајќи ги фразите кои ги содржат. Вградените фрази и мисли одаваат слика за сегашната состојба на внатрешните односи меѓу уметникот-уметноста и делото како и надворшните фактори; општествениот систем и реципиентите.
Делата создаваат амбиент кој може да се доживее како ребусен систем од фрази каде може да се извлечат одредени заклучоци. Тие служат како патоказ низ физичкиот простор разбудувајќи притоа интериорни патешествија.

Ваквата заемна интеракција ја поместува состојбата на набљудувачот од пасивна, информирана и корисничка и во исчекување на нови ажурирања (состојба наметната од паметните технологи ) во интроспективена и критичка авантура. Тоа воедно укажува и на една од клучните разлики помеѓу економскиот производ и уметничкото дело.

Двајцата втори долги години творат самостојно. Оваа соработка е плод на долги заеднички разговори за уметноста т.е за сè што се идентификува под тој поим во минатото, сегашноста како и можни нејзини идни појави. Соработката е привремена, како и сè друго… Временски не е условена, просторно не е ограничена, физички e присутна, привремено…
Тие го разгледуваат и истражуваат физичкиот свет наспроти виртуелниот и неговата улога во уметноста како и можноста уметничкото дело да се оствари денес. Односно неговата условеност, улога и можност. Како и дискурсот за најприфатената вистина денес теоријата на релативноста.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.