Дигиталната апликација Сиборд е прилагодена за локална употреба на македонски и албански јазик за да се олесни комуникацијата на децата со нарушувања на говорот и тешкотии во комуникацијата
Децата кои имаат тешкотии во комуникацијата и нарушувања на говорот ќе добијат олеснување со дигиталната апликација и алатка за асистивна технологија „Сиборд“, креирана за да им помогне да ги искажат своите потреби, чувства и мисли. Проектот вчера го претставија УНИЦЕФ и партнерите. Според Патриција ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ во Македонија, комуникацијата е во сржта на секоја интеракција меѓу луѓето, а децата кои имаат тешкотии со говорот често не успеваат да бидат разбрани.
– Со „Сиборд“ децата добиваат глас, можност да проговорат, да учат, да се развиваат и да се изразат. Ги охрабруваме родителите, воспитувачите и наставниците да ја користат оваа алатка за да се премостат бариерите кои оневозможуваат активно учество и инклузија на децата во пошироката заедница и во општеството – рече ДиЏовани.
Асистивните технологии дизајнирани за алтернативна и аугментативна комуникација може да им помогнат на децата да ги развијат своите способности да разберат и изразат зборови и концепти, со што се отвораат можности за подобрување на нивниот развој и учење, а со тоа се поттикнува инклузија и учество во образованието и во заедницата. „Сиборд“ е токму едно такво асистивно технолошко решение за алтернативна и аугментативна комуникација. Тоа е бесплатна апликација со отворен изворен код, креирана со поддршка од Фондот за иновации на УНИЦЕФ. Може да се користи на интернет или преку андроид мобилен уред или таблет, како помош за децата и возрасните кои се соочуваат со голем број говорни и јазични нарушувања, за да се олесни нивната комуникација со употреба на симболи, слики и пренос на текст во говор.
„Сиборд“ е веќе воведена во Хрватска, Црна Гора и Србија. УНИЦЕФ со организацијата „Отворете ги прозорците“ и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) во Скопје, направија локализација на Сиборд на македонски и албански јазик и креираа нов глас за аудио читач на македонски јазик – женскиот глас „Сузе“.
– Голема радост е за нашите студенти и за нас што можевме да придонесеме со нашето знаење и да работиме на систем кој ќе го подобри животот на луѓето. Имаме плодна соработка со „Отворете ги прозорците“ што им помогна на нашите студенти да работат на многу проекти за асистивна технологија. Токму преку оваа соработка нашите студенти го создадоа Говорко – апликација за паметни телефони за AAC – и доведе до нашето учество во локализацијата на „Сиборд“ и создавањето на новиот глас Сузе – вели проф. д-р Бранислав Геразов од ФЕИТ.
Кристијан Лазарев, координатор на проектот од „Отворете ги прозорците“ велу дека веќе 17 години придонесуваат асистивната технологија да стане достапна за секое дете и лице со попреченост во нашето општество.
– Алатките кои денес ги претставуваме се основа на дигиталната алтернативна и аугментативна комуникација, која дополнително ќе им даде можност на стотици деца и возрасни со тешкотии во говорот да ги изразат своите комуникациски потреби – вели Лазарев.
„Сиборд“ е комуникатор што може да се користи во различни средини, почнувајќи од семејството на детето и градинките, центрите за рана интервенција, училиштата, ресурсните центри и логопедските услуги и може особено да помогне во раниот детски развој и раната инклузија на децата со попреченост, почнувајќи од предучилишното образование и понатаму.
Досега повеќе од 170 стручни лица, вклучувајќи тимови за инклузија од десет градинки, наставници од предучилишни установи, терапевти, психолози, членови на телата за функционална проценка и специјални едукатори се запознаа со примената на алтернативната и аугментативната комуникација, вклучувајќи го „Сиборд“, во работата со деца кои имаат тешкотии во комуникацијата и нарушувања на говорот и јазикот. Стручните лица кои ја тестираа апликацијата во пилот-фазата потврдуваат дека децата особено добро реагираат на опцијата за претворање на текст во говор, дека покажуваат подобрување во опсегот на зборови и во изразувањето на своите потреби.
Апликацијата е достапна на повеќе од 30 јазици и има пристап до базата на податоци Global Symbols која има над 20.000 симболи и која сега ги вклучува сетови со симболи за основен лексички фонд за македонски и албански јазик. Сетовите со симболи може и да се експортираат од Сиборд и да се испечатат за да се користат како дополнителен ресурс при работата со децата. Апликацијата може бесплатно да се преземе од „Google Play“ на андроид телефони или директно да се пристапи на страницата www.cboard.io .