Оваа книга е историско-правен труд кој ја презентира целата документација од повторената судска постапка за Драган Богдановски предводена од адвокатот Ставре Џиков. Новите докази и сведочењата на неговите современици не беа доволни за македонските судови да ја поништат пресудата од 1979 година кога е осуден на 13 години затвор, рече доајенот на македонското новинарство, публицист и хроничар Киро Кипроски на промоцијата на книгата „Драган Богдановски – жртва на комунистичкиот режим и македонското судство“ од авторите Ставре Џиков и проф. д-р Марјан Иваноски што се одржа во Занаетчискиот дом во Куманово.

Две изданија посветени на најекспонираниот македонски политички емигрант Драган Богдановски во Куманово. Кипроски мошне емотивно пренесе некои детали од животот на Драган Богдановски кои никого не оставија рамнодушен во салата. Кипроски бил повеќедецениски близок пријател и соработник на Богдановски.
Втората книга под наслов „Драган Богдановски – живот и дело (1929-1998)“ од проф. д-р Марјан Иваноски ја промовираше историчарот м-р Марјан Гијовски. Тој истакна дека оваа книга е вредна да се има во домашната библиотека затоа што тука не се работи само за личноста на Драган Богдановски и за неговото делување, туку и за повоената македонска историја има многу придружни елементи.

– Пораката која што во оваа книга ќе се одгатне е дека Драган Богдановски како непризнат лидер на македонската политичка емиграција ја држи како оган на свеќа идејата за обединета Македонија, за која тој и неговите соидејници верувале дека е можно да се постигне. Воедно заклучокот на промоторот е дека иако Драган Богдановски судски не е рехабилитиран, тој веќе историски е рехабилитиран – рече Гијовски.

Авторот Иваноски го потенцираше значењето на архивските материјали кои сè уште се наоѓаат во многу домашни архиви на сомислениците на Богдановски, а се тесно поврзани со политичкото делување на македонската емиграција и потребата истите да бидат депонирани во соодветни научни институции во земјава како би биле достапни за истражување. Книгата „Драган Богдановски – жртва на комунистичкиот режим и македонското судство“ е во издание на Академска мисла, а „Драган Богдановски – живот и дело (1929-1998)“ во издание на Институтот за национална историја.






