Единственото специјализирано филозофско списание на македонски јазик „Филозофска трибина“ се збогати со два нови броја, што беа промовирани завчера на Филозофскиот факултет во Скопје. Издавач на списанието е Филозофското друштво на Македонија, а ги промовираше д-р Ѓорѓе Младеновски, професор во пензија од Филозофскиот факултет.
Во „Филозофска трибина 29“ има 11 авторски текстови на тема „Промислување на пандемиите“, односно дел од излагањата од истоимениот симпозиум одржан во рамките на 18. одбележување на Светскиот ден на филозофијата (18 ноември 2021). Така во него читателите можат да се запознаат со видувањата на авторите: Иван Џепароски, Радомир Виденовиќ, Филип Трајковски, Мартин Поповски, Самуел Садикарио–Колономос, Иван Бабановски, Росано Чолаков, Даниела Николова, Јасмина Поповска, Бошко Караџов, Владимир Ѓуровиќ и Игор Поптрајков. На самиот почеток на бројот е поместен пригоден комеморативен текст за акад. Георги Старделов (1930–2021) од страна на проф. Џепароски, додека кон крајот и обемната библиографија на Старделов.
Во 30. број на „Филозофска трибина“ можат да се најдат 8 авторски текстови на различни релевантни философски теми од: Денко Скаловски, Ристо Солунчев, Јасмина Поповска, Куштрим Ахмети, Лазар Фотев, Александар Симоновски, Ведран Диздаревиќ и Тони Димитров; потоа превод на еден дел од Воведот на „Естетиката“ од Николај Хартман, од страна на д-р Трајче Серафимовски; 3 студентски текста од: Љубица Покупец, Андреј Лазаревски и Никола Ристевски; еден средношколски текст од Христијан Милановски, приказ на книга, како и неколку прилози од тукашниот филозофски живот. И овој број започнува со пригоден комеморативен текст, овојпат за проф. д-р Владимир Давчев (1962–2021) од страна
на проф. Сузана Симоновска.
Изданијата се поддржани на Министерството за култура во 2021 год., а примероци можат да се најдат во книжарница „Или Или“, „Култура“ и „Буква“.