Првата поетската стихозбирка „Сончевина“ од поетесата Марина Цветковска-Станковска беше промовирана во Градскиот музеј во Крива Паланка. Во стихозбирката е застапена љубовна поезија, а песни читаа членови на литературниот клуб „Калин“ при Центарот за култура во градот.
„Сончевина“ не е само збирка на стихови, туку вистинска ода на љубовта, истакна Оливера Станковска, промоторка на делото. Во секој стих, Цветковска-Станковска ги предизвикува емоциите и сетилата на патот кон срцето.
– Македонската поетска ризница се збогатува со уште еден веќе созреан автор. Поезијата на Марина дојде тивко и ненаметливо за да еруптира во нашите срца, за да не потсети на најдрагоцената вредност во нашиот живот – љубовта, и да ни ги стопли нашите души во овие пролетни дождливи денови – рече Станковска.
Авторката им се заблагодари на присутните и најави повеќе дела во блиска иднина. Поетската книга „Сончевина“ се продава по симболични 100 денари, а средствата се наменети за фондот за купување концертен клавир за Крива Паланка. Настанот е дел од програмата „Крива Паланка – Град на културата 2024“.