Промовирана „Сонцето и Кралицата на темнината“ во Прилеп

„Сонцето и Кралицата на темнината“ е насловот на новата сликовница на Оливера Андоноска, со илустрации на Александар Џинго која викендов беше промовирана на Театарскиот фестивал за деца „Силјан штркот“ во Прилеп. А сè почнало од една Маја, која имала околу три години кога се запрашала какво било Сонцето кога било дете?

Оваа приказна е верзија на авторите на неговото детство, на топлото пријателство со неговата посебна другарка – планетата Земја, за едни наконтени ѕвездички… и за една Кралица – љубителка на мракот, вели Звонко Димоски, културолог, преведувач и препејувач од полски јазик, едукатор, долгогодишен предавач на Универзитетот „Адам Мицкјевиќ“ во Полска.

„Сонцето не било како другите ѕвезди, кои му се потсмевале и не сакале да другаруваат со него. Тоа било осамено и тажно. Какви што се многу деца, кои се чувствуваат како него. Поради изгледот, облеката, начинот на зборување, затоа што малку поинаку размислуваат, затоа што поставуваат прашања, затоа што имаат необична фантазија…

Токму затоа во својата суштина оваа приказна ја одразува различноста, прифаќањето, а уште повеќе нетолеранцијата спрема неа. Нејзиното настанување се совпадна со многу вести и пријави на вербално и физичко насилство меѓу децата од најрана возраст. Па така, ,Сонцето и Кралицата на темнината’ полека стана приказна и за возрасните, затоа што се покажува дека децата го учат однесувањето од нас.

Авторите на оваа приказна веруваат дека секое дете е суперхерој и има свои супермоќи. Што – не верувате!? Вистина е, само треба да ги откриете, така како што Сонцето ги открива своите.
Идејата на приказната е да се поттикне секое дете да биде свое, да се запознава и да верува во себе, но истовремено и да биде љубопитно за различните од себе, затоа што така ќе открива нови светови и ќе станува побогато и толерантно.
А пораката е дека само љубовта и вистинското другарство се умна работа, а омразата, потсмевањето и насилството се глупава и будалеста и, конечно, треба да излезат од мода.
Затоа, драги деца, бидете како Сонцето – свои и сјајни!“, завршува Димоски.

Сподели