Промоција на книгите „Радиo“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски ќе се одржи вечерва во 21 часот во предворјето на црквата „Св. Софија“ во рамките на фестивалот Охридско лето.
За книгите, Марко Коловски, музиколог и уредник во „Македонско радио“ вели дека за него било речиси неверојатно во една книга, меѓу две корици, да се претстави македонската уметност и култура во нејзината интегрална форма.
Љупчо Јолевски професионалната новинарска кариера ја започнал во почетокот на 1980-те во весникот на младите на Македонија – „Млад борец“, речисти паралелно со почетоците на Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Во 90-те години се префрла во Втората програма на „Македонското радио“, каде бил новинар и водител на неколку контактни и музички емисии, за од 1995 година покрај редовните програмски обврски, цели четири години да биде уредник – координатор на култната Стотројка (Музичкото радио – Канал 103), која во тој период за своите програмски дострели ја добива и Годишната награда на МРТВ. Своите текстови ги објавувал во ревијата „Екран“, магазините „Рок“, „Време – забаве“, „Македонско време“, „Град“ и многу други. Објавил две книги „Радио“ и „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“. За својата долгогодишна работа во новинарството минатата година ја доби наградата „13 Ноември“ што ја доделува Град Скопје.