Книгата „За македонските работи“ од академик Љупчо Коцарев, актуелен преседател на Македонската академија на науките и уметностите, ќе биде промовирана денеска во 12 часот, во мултимедијалниот културен центар „Матица екслузив“ во Скопје. Делото ќе го промовираат академиците Витомир Митевски и Катица Ќулавкова.

Книгата е збир од есеи, обраќања, беседи и слова, во кои авторот ги анализира македонските состојби. Составена е од четири дела: „Македонскиот дел од пеколот и од рајот: како понатаму?“, „Предизвици во науката“, „Интервјуа“ и „Македонскиот манифест“. Во предговорот кон изданието, авторот ја искажува и својата скепса за нашето битисување, констатирајќи дека:

По неброено изречените слова и понудените решенија, признавам не сум оптимист. Ќе најдеме ли сили да ја спасиме Македонија од разнебитување? За жал, во моментов, не можам да дадам позитивен одговор. Време е да се обединиме, време е да престанеме да се бориме меѓу себе, туку против корупцијата, дивеењето, алчноста, нечесноста, сервилноста на сите владејачки гарнитури, какви и да биле: леви, десни, шарени, еднобојни, во центарот, на периферијата“.

Академик Љупчо Коцарев е редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Матодиј“ во Скопје и истражувач во рангот на редовен професор на Универзитетот Калифорнија, Сан Диего од 1998 до денес. Бил дел од академскиот тим на Универзитетот Калифорнија (Беркли). Автор е на повеќе од двесте научни студии објавени во педесетина списанија во природно-математичките науки, техничко-технолошките, општествените и во хуманистичките науки. Изумител е на шест патенти, одобрени и патентирани во Америка и Европа. Неговите истражувања се финансирани од повеќе научни агенции во Америка (NSF, AFOSR, DoE, NIH, ONR), во Европската Унија (TEMPUS, FP6, FP7, Horizon 2020), во Германија (DAAD, DFG), како и од индустријата (STMicroelectronics). Добитник e на државната награда „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката. Со неколкумина научници од земјава, се најде на листата на 2 отсто највлијателни научници според цитираност на нивните трудови, на листата што ја изработи Универзитетот „Стенфорд“.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.