Промоција на Зборникот „Шопов на 11 јазици“ во Охрид

Во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на зборникот „Шопов на 11 јазици“, објавен по повод 100 години од неговото раѓање. Промоцијата е во рамките на 56. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, а за делото ќе зборуваат проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Семинарот и м-р Иван Антоновски, кој ја водеше лекторската настава по литература на Третата зимска школа од која произлезе Зборникот. За искуството од преведувањето на поезијата на Шопов ќе зборуваат: проф. д-р Намита Субиото од Словенија, д-р Кристина Дуфкова од Чешката Република и Биљана Петковиќ од Србија.

Во Зборникот се објавени песни од Шопов кои досега не биле преведени на конкретните јазици, како и преводи на песни за кои странските македонисти имаат проценето дека е потребно да се објават во нов превод на нивните јазици. Изданието содржи и импресии на странските семинаристи – автори на преводите, за поезијата на Ацо Шопов. Зборнико веќе е достапен и во електронски формат на линкот. 

Со промоција на зборникот завршува 56. Летна школа. Утре ќе се одржат последните лекторски часови и затворањето на Школата со врачување уверенија на семинаристите. Во петок (1 септември) традиционлано во Охрид ќе се одржи 50. Меѓународна научна конференција која ќе биде посветена на творештвото на Шопов и на Крсте Мисирков, по овод јубилејот 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи“.

Сподели