Приредувач на двете изданија е Златко Панзов, а преводот од македонски на унгарски јазик е на Анамарија Цинеге-Панзова
Унгарските изданија на зборниците „Блаже Конески: За македонскиот јазик“ и „Македонски книжевно-историски мозаик“ неделава беа промовирани во Салата за седници на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Трудовите се во издание на Катедрата за славистика при Институтот за славистика и балтичка филологија, објавени во реномираната едиција „Opera Slavica Budapestinensia (Linguae Slavicae)“. Приредувач на двете изданија е Златко Панзов, а преводот од македонски на унгарски јазик е на Анамарија Цинеге-Панзова.
Зборниците ги промовираше проф. д-р Владимир Мартиновски, декан на Филолошкиот факултет кој истакна дека се работи за многу значајни дела кои пренесуваат повеќе аспекти од македонската наука за македонскиот јазик и литература. Тоа се први зборници од ваков тип издадени на унгарски јазик, кои предизвикаа огромен интерес кај унгарските лингвисти, теоретичари на книжевност и студенти. Приредувачот на зборниците, Златко Панзов кажа дека намерата на зборниците е да побудат интерес за македонското јазично прашање и историјата на македонската литература, да отворат видици и прашања кај читателите на истите. Резултатите го изненадиле и самиот приредувач, за кратко време се исцрпиле тиражите, па во наредната година се планираат дополнети втори изданија. Анамарија Цинеге-Панзова се осврна на предизвиците околу преводот на текстовите од зборниците, за нејзиното уживање во пренесување на мислата на Конески, но и идеите и размислите на Мисирков на унгарски јазик.
Присутните се интересираа за идејата за зборниците, процесот на нивното создавање, општо за преведувачката дејност на преведувачкото дуо Панзови и нивниот огромен опус на преведени дела од унгарски на македонски и македонски на унгарски јазик.
Зборникот Блаже Конески „За македонскиот јазик“ (Blazse Koneszki: A macedón nyelvről) е издаден по повод 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Во содржината на Зборникот се вбројуваат предговорот на Златко Панзов, како и текстовите на Блаже Конески: „Развојот на македонскиот литературен јазик“; „Афирмација на македонскиот јазик“ и „Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици“. Во Зборникот е приопштен и текстот „Неколку зборови за македонскиот литературен јазик“ од Крсте Петков Мисирков, а публикацијата содржи фотографии од првите изданија на граматиката од Блаже Конески, од Македонскиот правопис, од Решението за воведување на македонската азбука, како и од оригиналната корица на книгата „За македонцките работи“.
Зборникот „Македонски книжевно-историски мозаик“ (Macedón irodalomtörténeti mozaik) е сочинет од пет научни статии посветени на низа книжевно-научни и културолошки теми: „Епската и арс-поетиката на Блаже Конески“; „Огнот и водата во лириката на Ацо Шопов“ од Владимир Мартиновски; „За некои особености на книжевната критика на Коста Солев Рацин“ од Иван Антоновски; „Женска книжевна архива – од усно творештво до (пост)феминистично писмо“ од Ана Мартиноска и „Млада македонска поезија“ од Звонко Танески. Рецензенти на објавените трудови се Иштван Лукач и Дарин Ангеловски.
Анамарија Цинеге-Панзова е литературен преведувач на унгарски и македонски јазик. Нејзините научни истражувања се фокусирани на рецепцијата на македонската книжевност во унгарски културен контекст. Активно преведува од 2004 година. Објавила дваесетина преводи од унгарски на македонски јазик: Иштван Еркењ („Едноминутни новели“), Бела Хамваш („Филозофија на виното“), Адам Бодор („Округот Синистра“), Шандор Мараи („Свеќите горат до крајот“), Ѓерѓ Конрад („Заминување и враќање“, „Горе на ридот при помрачување на сонцето“), Деже Костолањи („Корнел Ешти“), Кристина Тот („Пиксел“), Илдико Ловаш („Шпанска невеста“), Антологија на унгарскиот краток расказ „Сецирање на живо“ и др. Објавила повеќе преводи од македонски на унгарски јазик, меѓу кои најзначајни се „Сестрата на Зигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (Goce Szmilevszki, Freud húga 2012), „Резервен живот“ од Лидија Димковска (Lidija Dimkovszka, Tartalék élet 2015), „Вештица“ од Венко Андоновски (Venko Andonovski, Boszorkány 2018), „Секој со своето езеро“ од Ненад Јолдески (Nenad Joldeszki, Mindenkinek a maga tava 2019); за книжевни списанија ги превела Петар Андоновски, Фросина Пармаковска, Давор Стојановски, Лира Бојку, Александар Прокопиев и др. Добитничка е на почесно Рациново признание за 2024 година за значаен придонес во афирмацијата на македонскиот јазик надвор од границите на државата.
Златко Панзов е лектор, литературен преведувач, културен менаџер. Докторанд е на Докторската школа за литература при Универзитет ЕЛТЕ, Будимпешта. Предмет на неговите интереси и истражувања е историографската метафикција во македонскиот и унгарски современ роман.
Работи како лектор по македонски јазик на Институтот за славистика и балтичка филологија при универзитетот ЕЛТЕ, Будимпешта. Досега објавил над четириесет преводи од унгарски јазик за повеќе издавачки куќи. Меѓу нив спаѓаат преводи на дела од Бела Хамваш, Адам Бодор, Ноеми Сечи, Петер Надаш, Шандор Мараи, Ѓерѓ Конрад, Деже Костолањи, Кристина Тот, Иштван Еркењ, Ференц Молнар, Михаљ Бабич, Ласло Краснахоркаи, Атила Бартиш, Ѓерѓ Драгоман, Едина Сворен, Бенедек Тот, Петер Естерхази, Ноеми Киш, Ѓерѓ Шпиро, Тибор Дери и др. Заедно со Анамарија Цинеге-Панзова ја приредиле и превеле Антологијата на унгарскиот краток расказ „Сецирање на живо“ Од 2019 година ја организира манифестацијата Денови на македонска култура во Будимпешта. Во 2023 ја добива наградата за книжевен превод „Драги“ за преводот од унгарски јазик на романот „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро.