Промоција на две книги за деца на авторката Марија Костадиновска

Две книги од авторката Марија Костадиновска, „Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе бидат промовирани вечерва во 18:30 часот, во книжарницата „Литература.мк Суперстор“ во „Скопје сити мол“.

Промоторка на книгите ќе биде проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, а извадоци ќе чита проф. Елена Ѓорѓиовска.
„Вистинска приказна за двете соседни кралства“ воопшто не е обична приказна, а е вистинска. За две вистински соседни кралства. За Хана, една вистинска кралица. И за Фран, еден вистински крал. И не се случило еднаш, некогаш, многу одамна во двете вистински кралства, како во сите други приказни. Туку, сега, вистински се случува. Хана и Фран (главните ликови), иако ги имаат своите кралства, тие ги губат. Оттука е и првата порака и поука дека ништо не е вечно и трајно. За да ги вратат изгубените кралства ќе мораат да се потрудат. Насоките се јасни. Најпрвин ќе треба да научат многу нови нешта. Да бидат истрајни. Дополнителната живост на оваа приказна ја даваат живописните илустрации од илустраторката Александра Филипоска.

„Волшебните прегратки“ е приказна-метафора за среќата. За непроценливата детска среќа и за тоа како со малку може да се има сѐ ако се занемари (не)намерното негативно дејствување од возрасните. За купувањето нематеријални нешта, за вредноста на желбите и соништата. За бујната фантазија и остриот ум на детето. „Волшебните прегратки“ е навидум една наивна приказна за деца, но всушност е лекција, со длабоки пораки и за децата и за возрасните. Четиво блиско до денешното живеење. Во преден план го има ова ново, брзо, толку среќно и модерно време, а истовремено толку мрачно и тажно. Сѐ се случува во градот на прегратките и милоста, но и во Вистинија, во приказот на чистата реалност. Илустрациите во овој мини-роман се од илустраторката Иванка НиБа.

Марија Костадиновска (1990) дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрата за македонски и јужнословенски книжевности. Со пишување почнува во студентските денови, а во последните неколку години пишува книжевност за деца. Костадиновска е професионален едлиричар и говори англиски, шпански и грчки јазик.

Двете книги, „Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“, се достапни во сите книжарници „Литература.мк“ и за нарачување онлајн преку www.literatura.mk.

Сподели