Во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 21 часот ќе се одржи промоција на книгата „Viola arsenica; белешки за поезијата“ од Влада Урошевиќ. Промотор на изданието ќе биде Владимир Мартиновски, извадоци од книгата ќе интерпретираат писателите Ана Голејшка-Џикова и Иван Шопов, а модератор ќе биде Владимир Јанковски. Промоцијата се одржува во рамки на фестивалот на европската литература „Букстар“.

„Viola arsenica; белешки за поезијата“ е книга во која авторот ги искажува своите сфаќања за поезијата и поетската уметност, а се состои од извадоци од негови есеи, разговори, интервјуа, говори, автобиографски текстови, поговори. Во книгата се опфатени записи од целиот творечки живот на Урошевиќ. Првите текстови датираат од 1959 година, а некои од последните текстови се напишани непосредно пред излегувањето на книгата.

Во својот текст „Книга-библиотека или чудесна наука“, Венко Андоновски вели:

– Сјајна е оваа книга, возбудлива. Не само затоа што и не е книга туку цела „зипувана“ библиотека (како што на микрочип со димензии 1х1 см може да се стави целата Вашингтонска библиотека) туку и затоа што може да се чита од секаде. Таа има безброј почетоци и безброј краеви (еден од идеалите на борхесовците во нарацијата): каде и да ја отворите, таа и почнува и завршува. Имате впечаток дека стоите, а се движите со брзина на светлината низ поетските галаксии. Освен тоа, „Viola arsenica“ може да ја чита дури и оној што не е познавач на поезијата. Таква е оваа книга, затоа што секогаш за тема на „белешката“ се зема детаљ, некоја навидум неважна подробност околу поезијата, а потоа во тој детаљ се огледува целината: сета вселена се гледа во едно поетско зрно – пишува Андоновски.

Влада Урошевиќ е поет, раскажувач, романописец, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач. Роден е во 1934 година во Скопје. Работел како соработник и уредник на редакцијата за култура и уметност на Телевизија Скопје, а во 1982 година почнува да работи на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Влада Урошевиќ е член на МАНУ, на меѓународната „Академија Маларме“ во Париз и на Европската поетска академија со седиште во Луксембург. Има објавено повеќе од 30 книги. Добитник е на бројни награди, меѓу кои „Браќа Миладиновци“, „Рациново признание“, „Григор Прличев“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Стале Попов“ итн.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.