Промоција на веб-страница за средновековни цркви во скопскиот регион

Во Културно информативниот центар во Скопје утре во 12 часот ќе се одржи промоција на веб-страница „Инвентар на средновековни цркви во скопскиот регион“. Промотори на страницата се д-р Панче Велков, проф. д-р Елизабета Димитрова, м-р Владимир Таневски и Гордана Велков.

Проектот „Инвентар на средновековни цркви во скопскиот регион“ е продолжение на проектот „Регистар на средновековни цркви во Охрид и Охридско“ кој го организира Здружението на граѓани „Македонида“, а беше завршен во 2024 година. Целта на проектот во Скопје е да се популаризира и презентира средновековното културно наследство пред пошироката публика. Проектот има и едукативна вредност – јавноста може да научи повеќе за средновековните цркви и манастири во скопскиот регион.

– Хронолошки, црквите датираат од 12 до средината на 16 век. Опфатени се 16 цркви. Проектот се одвиваше во две фази – обезбедување и анализа на постоечката литература поврзана со црквите, при што се увиде дека за дел од црквите недостасуваат истражувања. Втората фаза вклучуваше теренски активности, пишување на текстовите и изработка на самата веб-страница – велат од „Македонида“.

Проектот е реализиран со финансиската поддршка од Министерството за култура и туризам.

Сподели