Промоција на „Уметност и револуција“ од Гералд Рауниг

Книгата „Уметност и револуција“ на еден од најзначајните и најпредизвикувачките теоретичари на уметноста и филозофи, Гералд Рауниг, ќе биде промовирана вечерва во 19.30 часот во Чифте амам во Скопје. Делото ќе биде промовирано низ дијалог помеѓу Рауниг и Ивана Драгшиќ. Преводот е на Катерина Шекутковска.

Промоцијата е во рамките на 9. КРИК – фестивал за критичка култура. Мотото на фестивалот е „Желбени машини – уметноста како (р)еволуција“. На македонски се објавени три книги од Рауниг – „Уметност и револуција“ во превод на Катерина Шекутковска, „Дивидуа“ и Дисeмблажа“, во превод на Жарко Трајаноски, кои наскоро, според copy left принципот, за кој Рауниг, исто како и „Контрапункт“ се големи застапувачи, ќе бидат објавени и online, во PDF формат.

„Уметност и револуција“ е своевидна алтернативна историја на уметноста на „долгиот 20 век“ која го покрива периодот од Париската комуна, од 1871 година до турбулентните протести против глобализацијата во Џенова во 2001 година. Правејќи детален, прецизен и теориско-креативен премин од ситуационистите и Сергеј Ејзенштајн кон виенскиот акционизам и Publixtheatre Caravan како проект на Volxtheater Favoriten, меѓународна театарска трупа базирана во Виена која е со уметнички и длабоко политички предзнак и која развива критички перформанси, „Уметност и револуција“ се осврнува на револуционерните исчекори во уметноста и во општеството и оптимистички го исцртува излегувањето од своите приказни за трагичен неуспех и недвосмислена катастрофа.

„Уметност и револуција“ ги охрабрува новите генерации уметници и мислители да одбијат да учествуваат во истрошените рецепти на диктирани од пазарот и авторитетите, а наместо тоа да создаваат радикални нови методи на социо-културно ангажирање. Рауниг развива неопходна, современа концепција за политичката промена – концепција што ги надминува застарените формулации на востание и отпор. Според Рауниг, се пролеа премногу крв и мастило за уметничките машини да смеат да си дозволат да останат одвоени од револуционерните машини.

„Уметност и револуција“ на Гералд Рауниг е многу повеќе од научен труд – оваа книга е афирмација на новите конститутивни практики, напишана во бурната средина на социјалните движења дваесеттиот век.

Книгата е издадена со поддршка на Гете институт – Скопје. Гералд Рауниг е филозоф и теоретичар на уметноста. Работи во Европскиот институт за прогресивни културни политики, како еден од уредниците на мултилингвалната издавачка платформа и како професор по филозофија на Zürcher Hochschule der Künste.

Неговите книги се преведени на англиски, српски, шпански, словенечки, руски, италијански, холандски, турски, а сега, во издание на Контрапункт во едицијата Пунктум, која е дел од платформата КРИК – фестивал за критичка култура, и на македонски.
Последните години значаен дел од времето Рауниг работи и живее во Малага, Андалузија, каде што ги истражува и работи со автономните колективи и алтернативните форми на самоорганизација.

Ивана Драгшиќ е социолог и граѓанска операторка со интерес за контракултурни практики, институционални иновации и слободно време. Таа е активна истражувачка, авторка и уредничка на теми за заедништво и екофеминизам, со изразен интерес кон следните испреплетени концепти: јавен простор, урбано зеленило, учество на граѓаните, управување со ресурси, основен универзален приход, грижа и удобност/конвивијалност. Драгшиќ е уметница, аматерска изведувачка, пушта музика на радио и во клубови.

КРИК – Фестивалот за критичка култура, финансиски е поддржан од Гете Институт, Министерството за култура и програмата Креативна Европа на Европската Комисија, финансирана од Европската Унија.

Сподели