Промоција на три книги на „ПНВ Публикации“ во МКЦ

Во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на три изданија на „ПНВ Публикации“ – „Слободата чекори гола“ од Марам ал-Масри (Франција/Сирија), „На околу два и пол часа од рајот“ од Имануел Мифсуд (Малта) и „13 Хрватски поети (избор од современата хрватска поезија)“, со Лана Деркач (Хрватска). Поетско читање и разговор за предизвиците и задоволствата од преведувањето на делата помеѓу преведувачите Јулијана Величковска, Владимир Мартиновски, Славе Ѓорѓо Димоски и Ѓоко Здравески, и авторите Марам ал-Масри, Имануел Мифсуд и Лана Деркач.

Марам ал-Масри е родена во 1962 година во Латакија, Сирија. Студирала англиска книжевност на универзитетот во Дамаск, пред да почне да ја објавува својата поезија во арапските книжевни списанија во почетокот на ’70-те години на минатиот век. Од 1982 година живее во Париз, Франција. Денес Ал-Масри се смета за еден од најрафинираните, највлијателните и најзнаменитите женски поетски гласови од нејзината генерација што ги одушевуваат читателите насекаде во светот. Добитничка е на многу награди. Авторка е на повеќе од десетина стихозбирки, а нејзините книги и песни се преведени на повеќе од 20 светски јазици. Учествувала на бројни интернационални поетски фестивали во Франција и низ светот, а нејзините дела се објавувани од најпрестижните издавачки куќи во Британија, во Франција, во Италија, во Шпанија, во Ирска итн.

Имануел Мифсуд (Малта, 1967) е една од водечките фигури на малтешката книжевна генерација по 90-тите. Неговите книги се нашироко преведувани, особено романот „Во името на таткото (и на синот)“ што беше награден од Европската Унија и преведен на единаесет јазици. Неговите најнови романи, раскази и стихозбирки исто така се преведени на многу јазици. Покрај прозата и поезијата, Мифсуд е автор и на две книги за деца. Во 2014 година, на Мифсуд му беше доделен „Орден за заслуги“ од Република Малта како признание од државата за неговите книжевни потфати. Мифсуд докторирал книжевност на Универзитетот во Малта, каде што предава современа литература и теорија на книжевноста.

Лана Деркач (Хрватска, 1969) пишува поезија, проза, драми и есеи. Застапена е во земјата и во странство во многу антологии, панорами и зборници. Учесничка е на бројни меѓународни поетски фестивали и разни книжевни настани. Нејзини текстови се преведени на 20 јазици. Добитничка е на повеќе книжевни награди. Уредила две поетски панорами. Објавила десет збирки поезија, три збирки раскази, збирка драми, збирка есеи и роман во Хрватска, како и книги во: Мексико, Белгија, Тунис и Црна Гора. Штотуку ѝ излезе од печат книгата раскази „Адресар на смртта“ (Adresar smrti) објавена во издание на „Фрактура“.

Сподели