Промоција на „Толку темно“ од Сашо Димоски во Битола

Во книжевниот клуб „Утопија“ во Битола вечерва во 19 часот ќе се одржи промоција на романот „Толку темно“ на драматургот Сашо Димоски. Публиката ќе го проследи разговорот со авторот во неформална, блиска атмосфера, ќе чуе читање на избрани фрагменти од романот и ќе може да се вклучи во отворената дискусија за темите на книгата.

„Толку темно“ не се движи по класични романескни правила. Наместо линеарна приказна, читателот следи патување на човек низ градови, векови и внатрешни состојби: Троја, Рим, Константинопол, Амстердам, Париз, Мадрид…
Книгата зборува за движење и припадност, за историјата што ја носиме во себе и за денешниот здив на градовите во кои живееме. Ликот станува мапа составена од сопствени доживувања, загуби и надежи, а јазикот на Димоски останува чист, точен и драмски концентриран, оној тип на проза што го повикува читателот да чита бавно, внимателно и повеќепати.

Сашо Димоски е драматург, прозен автор и универзитетски професор, чии текстови одамна имаат сопствен пулс и препознатлива поетика. Неговите драми се играат на домашни и странски сцени, преведувани се на повеќе јазици, а прозата му е забележана со бројни критики и награди. Димоски важи за еден од најинтересните претставници на новата книжевна генерација, автор кој умее да ја спои драмската напнатост со прецизен, кус и силен јазик.

Сподели